Хамас: Над 70 загинати од израелски напади во Газа за едно деноноќие
Министерството за здравство во Појасот Газа, кое е под контрола на Хамас, соопшти дека израелските напади во изминатите 24 часа предизвикале смрт на 72 лица, а 174 се повредени. Министерството не наведува дали жртвите се цивили или борци, а информациите не можат независно да се потврдат.
Според палестински извори, бројот на загинати од почетокот на војната надминува 56.300, а повредени се над 132.600 луѓе.
Израелските сили и понатаму водат жестоки борби со Хамас и други вооружени палестински групи, откако на 7 октомври 2023 година милитантите нападнаа на израелска територија, убивајќи околу 1.200 луѓе и заробувајќи повеќе од 250 заложници.
Во меѓувреме, весникот „Хаарец“ објави дека Израелските одбранбени сили (ИДХ) отвориле истрага за можна злоупотреба на сила, по обвинувања дека израелски војници намерно стрелале врз цивили близу пунктовите за хуманитарна помош.
Според болнички извештаи и изјави на очевидци, во изминатиот месец стотици Палестинци биле убиени во близина на места каде се дели храна. Неименувани израелски војници за весникот изјавиле дека добиле наредби да пукаат врз толпата за да ја растераат, дури и кога немало непосредна закана.
Портпарол на армијата изјави дека се прават напори за избегнување на судири со цивилното население и дека се дадени нови упатства до копнените сили.
Армиската единица задолжена за истраги во случаи на можна повреда на меѓународното право ќе го испитува однесувањето на војниците кај пунктовите за помош изминатиот месец.
Според здравствените власти во Газа, повеќе од 500 луѓе загинале на ваквите локации или во зони каде се очекувало да минат хуманитарни камиони.
Во минатите инциденти, израелската армија честопати тврдеше дека нејзините војници испукале предупредувачки истрели за да спречат приближување.
Ново на Сител
-
Голем пожар во Карпош, зафатени повеќе куќи
-
11-годишно дете се бори за живот по тешка сообраќајка на патот Прилеп–Градско
-
ЦУК: Активни осум пожари, 12 изгаснати, еден ставен под контрола
-
На „Табановце“ и „Богородица“ се чека околу еден час
-
Сиљановска-Давкова: „Галичка свадба“ ја отсликува македонската народна традиција и култура
-
Мицкоски: Автопатот кон Охрид со години беше симбол на застој- сега ќе биде симбол на успех и одговорна работа
-
Убиецот ги поканил роднините на гости, инсистирал да присуствува и детето - Расчистено е тројното убиство
-
Мицкоски присуствуваше на епископската хиротонија на архимандритот Георгиј