Груевски во Кривогаштани, Долнени и Прилеп
Премиерот Никола Груевски очекува во наредните 10 дена трајно да биде решен проблемот на земјоделците околу пензискиот стаж плаќан по законите од 1978 до 1988 година.
- Имаше барање од земјоделците за решавање на проблемот со нивниот стаж и на наредната седница на Владата ќе биде предложен закон со кој ќе се реши проблемот за нивниот пензиски стаж од 1978 до 1988 година, рече премиерот Груевски, одговарајќи на новинарско прашање.
Тој посочи дека во наредните 10 дена очекува законот да биде поставен и на собраниска седница и на тој начин трајно да се реши проблемот.
Изградбата на трите автопати се одвива според предвидената динамика. Имаше сосема мал застој поради лошите временски услови, но тој е надоместен. Ова го истакна премиерот Никола Груевски во одговор на новинарско прашање по увидот во градежните работи за реконструкција на железничката станица во Прилеп.
- Во Македонија во моментов се градат три автопатишта и имаме добар прогрес кај сите. На автопатот Скопје – Штип пробиено е 90 отсто од трасата, кај автопатот Демир Капија – Смоквица има прогрес 57 отсто, а на автопатот Кичево – Охрид пробиено е 37 отсто од трасата, изјави премиерот Груевски.
Тој посочи дека се работи со полна пареа на трите автопати и оти за нивна изградба се ангажирани 2.220 работници.
- Изградбата на автопатите има и голема и важна компонента за домашната економија преку ангажманот на локалните компании подизведувачи. Воедно, ќе има и голема компонента и кога ќе бидат завршени во делот на економскиот развој, потенцира Груевски.
Железничката станица во Прилеп заедно со Железничката во Скопје ќе бидат целосно обновени до крајот на годинава, најави денеска премиерот Никола Груевски при посетата на Прилеп.
- Во моментов се реконструира и Железничката станица во Велес. Другите железнички станици на Коридорот 10 овие недели ќе почнат да се реконструираат и треба да бидат готови до 2016 година, изјави Груевски, кој заедно со министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски направи увид во текот на градежните работи за реконструкција на железничката станица во Прилеп.
Премиерот е задоволен како се одвиваат работите околу реконструкцијата на станицата која е дел од големата инвестиција од 2,5 милиони евра за реновирање на речиси сите железнички станици на коридорот 10.
- Сите овие железнички станици воопшто не се обновувани откако се градени. Конкретно, прилепската станица датира од 1931 година и ова е прва нејзина темелна реконструкција. Добро е да се заврши една таква темелна реконструкција на железничките станици, рече Груевски.
Во тек е и набавката на нови композиции и вагони за патничкиот сообраќај, а веќе се набавени и 150 вагони за товарниот сообраќај.
- Реконструкцијата на пругата на Коридорот 10 е во длабока и завршна фаза. Патничките вагони треба да стигнат до јануари наредната година. Со овие зафати во трите клучни сегменти во железничкиот сообраќај, граѓаните повеќе ќе го користат и ќе патуваат поудобно. Железничкиот сообраќај е исклучително значаен и за нашите граѓани и за оние кои транзитираат низ Македонија, нагласи премиерот Никола Груевски при денешниот увид на работите на реконструкцијата на железничката станица во Прилеп.
-

Александра Десподовска
Сите содржини од овој новинар
