Груевски: Потребен ни е економски напредок, а не земјата да се движи назад

На Македонците и на Албанците, на сите граѓани во земјата, им е потребна подобра економија, повисоки плати, пензии, субвенции, нови училишта, поквалитетно образование, подобра животна средина...На сите нас ни е заедничка целта земјата да стане членка на НАТО и Европската унија, а не да се движи назад со деструкциите на лидерот на СДСМ Зоран Заев, кој ветувал и во неговата програма стои, иако со поинакви зборови, кантонизација на земјата.
Ова го истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и носител на листата во Изборната единица 4 Никола Груевски на вечерашниот митинг на коалицијата „За подобра Македонија“ во Велес.
- Ние немаме ништо против Албанците, сакаме со нив да живееме во мир и слога, но ова што ни го прави некој преку Заев сака да ни ја растури слогата. Давање на такво ветување за целосна двојазичност, ќе ни направи нови фрустрации и поделби, а на Македонците и Албанците не им е потребно тоа. Потребни им се подобра економија, нови работни места, повисоки плати, пензии, субвениции, економски напредок, подобра животна средина. И на сите нас потребно ни е земјата да стане членка на НАТО и ЕУ, а не да се движи назад со деструкциите на Заев, подвлече Груевски.
Зборувајќи за евентуална кантонизација на Македонија, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, рече дека тоа би значело пет-шест кантони кои, како што кажа, „со тек на време еден по еден на легален начин со одлука на нивните локални кантонски влади ќе се отцепуваат“. - Тоа е последниот чекор пред растурање на една држава без војна. Такво нешто не ни треба, потенцираше Груевски.
ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија рече тој се залага за подобра економија и животен стандард и оти не ги дели граѓаните и не прави разлика помеѓу нив.
- Мораме да застанеме на патот на оваа сулуда идеја на Зоран Заев затоа што тоа ќе има сериозни последици од големи размери. Дали ќе биде за три или пет години, проблемите ќе дојдат пред нашата врата, рече Груевски.
Укажуваме, потенцираше тој, дека ќе ни го растурат мирот, ќе ни направат големи проблеми за да се закрвиме.
На 11 декември, побара тој од поддржувачите и членовите на партијата, да го спречат тоа и да кажат каква Македонија сакаме.
Од Велес тој уште еднаш му порача на Заев дека народот бира кој ќе биде премиер во оваа држава. Потсети дека Заев повеќе од 11 години е градоначалник во Струмица, но оти не направил ништо од она што го говори. - Народот знае кои сме и добро не познава. Добро се сеќава дека во време на СДСМ не само што не се отвораа фабрики, туку и се затвораа, рече Груевски.
Две и пол години Македонија е под заложништво, посочи Груевски, и време е земјата да се ослободи од тоа. Добија се што бараа, додаде тој, но ние сме сигурни во себе и во тоа што сме го правеле, веруваме во нашите постапки и во нашите граѓани во нивниот избор и вредности и дека Македонија ќе оди напред.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ побара од членството да не подлегнува на провокации и инциденти, затоа што, како што рече, тоа ним им одговара. - Издржавме 2,5 години ќе издржиме уште две недели, рече Груевски.
Груевски оцени дека СДСМ им дава нереални ветувања на граѓаните.
- Слушнавме дека ќе враќаат 15 % ДДВ и на тој начин домаќинствата ќе добивале 500 евра по домаќинство годишно. За да се направи таков поврат, тој човек треба да троши најмалку по 2.000 евра месечно за на крај да ги добие тие 500 евра, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. За зголемувањето на просечната плата рече дека таа може да се расне само со намалување на невработеноста, и оти не се носи со декрет. Доколку социјалната помош биде поголема од минималната плата, смета Груевски, тоа е ги мотивира луѓето да не работат. Она што за него, како што рече е најтрагично, е што во својата програма СДСМ зборува и за даноците, за што Македонија има многу признанија.
Ќе земале од стопанствениците, па тогаш тие ќе престанат да вработуваат, рече тој и праша кога во независна Македонија се зголемила вработеноста за 160.000 работни места, кога имало ваков раст на пензиите, на инвестиции...
Груевски посочи дека невработеноста од 38,7 отсто се намалила на 24 отсто со отворање на тие 160.000 нови работни места од кои 39.000 во последните две и пол години во време на криза. Посочи на она што досега постигнала неговата Влада и на она што е планирано со програмата до 2020.
- Во време кога Македонија стаса до топ 10 за правење бизнис нам не ни е потребно да го растураме тоа што е добро. Странските директни инвестиции достигнаа две милијарди и шестотини милиони евра. Се воведе минимална плата и дојде до 10.080 денари, а постепено до 2020 години ќе стигне до 14.000 денари. Просечната плата кога дојдовме во Владата беше околу 13.000 денари сега е речиси 23.000 денари, но не со одлука на Влада со декрет, туку со намалување на невработеноста со носење на нови инвеститори и создавање на притисок заради конкурентски причини да мора да ги зголемуваат платите, рече Груевски. Потсети на исплатените субвенции за земјоделците, намалувањето на цените на лековите, инвестициите во здравството, изгардаба и реконструкција на училишта, легализација на дивите градби, се зголеми бројот на странски туристи, се овозможи увоз на странски возила...
Најави нови проекти, со кои како што рече, ќе се намали невработеноста која би изнесувала 17 - 18 отсто со отворање на нови 70.000 работни места. Ќе се зголемат пензиите и платите во јавниот сектор ќе се зголемат за 10,25 отсто, социјалната помош ќе се зголеми за 50 отсто за четири години, минималната плата до 2020 ќе се зголеми до 14.000 денари, ќе завршат градбите на трите автопати, но и ќе започне изградба на нови три и тоа од Гостивар до Кичево, од Скопје до Блаце и од Требеништа до Струга. Со новата програма на ВМРО-ДПМНЕ се предвидуваат нови 600 милиони евра за земјоделците, по 150 милиони евра годишни и воведување на професионален земјоделски советник, да се реформира работењето на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој за поедноставување на постапките, мерка за набавка на високоприносен добиток... Груевски, како што кажа, во новата програма се предвидува нова стратегија за земјоделството во Македонија.
Илија Димовски, носител на листата на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ во ИЕ 3 истакна дека во Велес денес има 15.579 вработени граѓани, 5748 повеќе од периодот кога СДСМ си заминуваше од власт кога во градот беа вработени 9.831 граѓанин и се затвораа фабрики. Во градот повторно се отвораат фабрики, рече тој посочувајќи на Маркант, потоа турската инвестиција во обнова на капацитети на „Киро Ќучук“ која пред неколку дена за првпат после многу години се произведоа и првите цигли, нова инвестиција во Свилара, инвестиции во објектите на поранешна Порцеланка...
На митингот во Велес зборуваа и претставници на коалициските партии на ВМРО-ДПМНЕ и кандидати за пратеници.
Ново на Сител
-

18 општини чекаат изведувач на регионалната депонија кај Мечкуевци
-

Преглед на вестите од светот
-

Иницијатива за ограничување на социјалните мрежи кај малолетници во Македонија
-

Тема на денот со Весна Петрушевска
-

Преглед на вестите од светот
-

Мицкоски: Оваа година избори нема да има
-

Нова акција за нелегални филери и средства за слабеење
-

Фотографии, видеа и извештаи од увидите презентирани на рочиштето за ,,Пулс"
