Македонија
15. April 2024 - 16:33

Граѓанските организации да го следат трошењето на парите и спроведувањето на инфраструктурните проекти

Граѓанските организации да бидат вклучени во спроведувањето на ифраструктурни проекти, бара невладината Естима. Според претседателката Крстиновска, граѓанскиот сектор треба да биде консултиран во сите фази на проектниот циклус, но и да ги следи јавните набавки, како и трошењето на парите.

„Имаме повеќе случаи на инфраструктурни проекти кои се градат со огрмни суми на пари, а понатаму не се користат. Имаме многу злоупотреби во фазата на јавни набавки и склучување на договори. Вклучувањето на граѓанското општество би било во интерес за надминување на сите тие недоследности“ – Ана Крстиновска, ЕСТИМА

Лошото планирање води кон вложување на повеќе пари за да се исправат тие грешки. Затоа, доколку граѓанските организации вршат надзор уште во таа фаза, би имало поголема транспарентност и грешките би можеле да се спречат, вели Крстиновска.

„Бидејќи разговараме за коридор 8, имаше проблем со целокупната поврзаност, односно со 4 различни проекти кои требаше да поминуваат околу охридското езеро, интерконекторот за струја, железницата, интерконекторот за гас и автопатот. Имаше наоди од УНЕСКО дека трасите кои се избрани се несоодветни и истите треба да се промена, а тоа е нешто што во основа локалните организации го укажуваа уште кога се развиваа тие фази. Сега, самата промена на трасите ќе чини повеќе милиони евра кои немаше да треба да се потрошат доколку се земеа нивните препораки на почетокот во планирањето“ - Ана Крстиновска, ЕСТИМА

На панел дискусијата присуствуваше и евроамбасадорот Дејвид Гир кој рече дека граѓанското општество има клучна улога во отчетноста, а може да донесе и експертиза за имплементација на самата инфраструктура.