Македонија
4. December 2025 - 16:38

Град Скопје најавува засилени контроли поради загаденоста - Дневно во Клиниката „Козле” по 150 прегледи на болни деца

Град Скопје најавува засилени инспекциски контроли откако деновиве се потешко се дише во метрополата поради зголеменото аерозагадување. Под лупа ќе бидат компаниите, но и домаќинствата. Од градот посочуваат дека особено внимание ќе се посвети на откривање како и спречување на спалувањето отпад и затоа препорачуваат:

- редовно чистење на оџаците од домовите и одржување на грејните тела;

- за затоплување на домовите да не се користат отпадни материјали, прегорено машинско масло, лакирани и обоени отпадоци од дрво, стиропор, ПЕТ амбалажа, гуми или каков бил синтетички материјал;

- да се користи суво и чисто дрво за затоплување, без примеси од земја и отпадоци;

- печките на дрво да се користат и одржуваат според упатствата на производителот;

- редовен сервис на котли, печки и клима уреди за ефикасно согорување и помалку емисии на штетни материи, се дел од препораките од Град Скопје.

Во меѓувреме, загадениот воздух и вирусите ја полнат Клиниката за респираторни заболувања кај децата “Козле”. Во амбулантите дневно имаат и по 150 прегледи на болни деца. Во моментот на болничко лекување поради компликации на долните дишни патишта задржани се 50-тина мали пациенти, а пет од нив имаат потреба и од кислородна подршка. Според лекарите покачена температура, секрет од носот и кашлица се најчестите симптоми периодов.

- Особено овој период кога се зголемува загадувањето во градот децата реагираат со тоа што зачестува кашлицата кај нив, особено кај оние мсо долнореспираторен инфект и со алергиски заболувања. Имаат долготрајна, честа и измачителна кашлица,почеста носна секреција, затнување на носот, отежнаото дишење... Тоа е симптоматологија која најчесто ја имаме во амбулантите, покрај фебрилноста, изјави д-р Филип Доксимовски, специјалист педијатар во Клиниката за респираторни заболувања кај децата “Козле”.

Доктор Доксимовски посочува дека периодов најчести причини за зголемениот број на болни деца се риновирусот, параинфлуенцата и РСВ, а помалку се со бактериски инфекции. Поради распространетоста на вирусите и зголемената загаденост деновиве не само во Скопје туку и во други поголеми градови во земјава, педијатрите препорачуваат децата колку може почесто да се носат на почист воздух, барем за викендите.

- Да не се престојува во затворени простории (молови и игротеки), децата да не се мешаат во затворени простории ако има деца со инфекти, да се внимава со исхраната, да се даваат повеќе витамини и да пијат повеќе течности. Ако се јави фебрилност децата да останат дома 24-48 часа да се даеде симптоматска терапија, за да не се носат веднаш кај нас или кај матичните да не се создаваат гужви и да не се мешаат со други болни деца пред амбулантите, советува д-р Доксимовски.

Инаку, во последниот извештај ИЈЗ регистрираше 113 случаи со клиничка слика на грип. Најголем дел се пријавени во Куманово и Струмица на возраст од 15 до 64 години.