Бизнис
6. July 2019 - 8:30

Голем интерес на работниците за ваучери за субвенциониран одмор

Работниците со ниски месечни примања од државата покажале голем интерес за користење на ваучерите од 15 илјади денари што ги нуди Министерството за економија, во рамки на јавниот повик објавен на 17 минатиот месец преку Програмата за домашен туризам за работници со ниски приходи за 2019 година.

Според податоците на ресорното Министерство, заклучно со втори јули годинава пристигнале  1.230 апликации. Годинава, за оваа програма се одвоени 20 милиони денари за која можат да аплицираат работници со ниски приходи, чии месечни примања во семејството не го надминуваат нето износот од 22.000 денари.

– Интересот на работниците со ниски приходи е навистина голем. Лани ваучерите ги искористиле 1.699, а предминатата година 1. 098 семејства. Од анализата на Секторот за туризам по завршувањето на проектот се утврди дека најголем број на лицата кои го искористиле одморот се од скопскиот, втори, работниците од полошкиот,  трети од североисточниот регион. Повеќето од нив се вработени во државната и јавната администрација, вели раководителот на секторот за туризам од Министерството за економија Беким Хаџиу.

На веб страницата на Министерството објавена е листата на хотели во македонските туристички центри, Охрид, Берово, Попова Шапка, Дојран, Струга каде што работниците можат да го користат ваучерот.

– Претходните две години најголем процент од работниците ги искористиле вачуерите во хотелите во Охрид, Попова Шапка, Маврово и Берово, изјави Хаџиу.

Хотелите и капацитетите за сместување се од прва до петта категорија, а најголем дел од втора категорија.

Податоците на Државниот завод за статистика укажуваат дека има зголемување на бројот на домашни туристи. Бројот на домашните туристи во април 2019 година, во однос на април 2018 година, е зголемен за 6, 5 проценти, се наведува во соопштение на ДЗС објавено на 12-ти јуни годинава.

Во периодот јануари – април  годинава, во однос на истиот период од претходната година, бројот на туристите е зголемен за 2,4 проценти при што кај домашните туристи има зголемување за 5, 4 проценти. Државниот завод за статистика за овој период регистрира и зголемен број на ноќевања особено кај домашните туристи за 4,4 проценти.

За да аплицираат за ваучер, работниците треба да пополнат барање кое може да се најде на веб страната на Министерството и покрај основни податоци за барателот, потребно е да се наведат и имињата на членовите на семјеството и да се потпише изјава. На веб страницата е наведено дека изјавата треба да се завери кај нотар.

Еден работник може да поднесе едно барање, а предност ќе имаат оние кои првпат аплицираат за добивање потврда за одмор. Министерството ќе води евиденција за секоја потврда кој ја користи и во кој угостителски објект за сместување ќе се користи на принцип „прв дојден, прв услужен“. Барањата за добивањето на потврдата ќе ги разгледува комисија формирана од министерот.

Мерката има два аспекти. Од една страна им се овозможува на работниците со ниски приходи да користат годишен одмор во еден од хотелите од државата, а од друга страна на хотелиерите им се овозможува  да ги пополнат туристичките капацитети и надвор од туристичката сезона и со тоа да го зголемат приходот.

Јавниот повик ќе трае до 30 август годинава. Работниците ќе можат да го користат годишниот одмор најдоцна до 30 ноември годинава.

Работниците треба да ги достават барањата со уредна документација до архивата на Министерството за економија на улица „Јуриј Гагарин“ 15, Скопје.