Македонија
5. April 2018 - 14:50

Ѓорѓиевски: Нухиу не преземал ништо со цел неутрализирање на вооружени групи во Чаир

Дали има вооружени групи во Чаир и околу Скопје или заменик министерот во МВР, Агим Нухиу се обидува да му угоди на СДСМ, да се спаси од одговорност и да ги намести обвинетите за  настаните од 27-ми април, ова денеска на прес-конференција го изјави членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Орце Ѓорѓиевски.

-Имено, Нухиу во изјавата дадена пред Јавното обвинителство кажал дека вечерта на 27-ми април, додека биле настаните во Собрание некој групи од вооружени Албанци се собирале во Чаир, па дури и дека групи поранешни борци на УЧК се подготвувале за акција. Доколку информацијата објавена во медиумите во врска со настаните во Собранието е точна зачудува фактот зошто 6  месеци никој не презема ништо? Под претпоставка дека Нухиу ја говорел вистината пред Јавното обвинителство се поставува прашањето, зошто тој од позиција на министер и заменик министер за внатрешни работи, не преземал ништо со цел неутрализирање на оваа вооружена формација?, прашува Ѓорѓиевски.

Ѓорѓиевски прашува и од каде им е оружјето на тие групи на луѓе и дали истите го поседуваат легално?

-И најпосле доколку Нухиу знае дека во Скопје постои вооружена група на луѓе која може во секој момент да се вооружа и да биде спремна за конфликт, зошто оваа информација навремено не ја споделил пред Јавното обвинителство, туку чекал да поминат месеци од настанот? Дали оваа група е заштитена од некого и кој има полза од вакви групи кои што се закана по безбедноста во секој момент? Загрижува фактот што МВР управувана од Спасовски не покренува истрага, кои се тие луѓе што се наоружани, дали тие луѓе легално го поседуваат тоа оружје, кое е потеклото на оружјето, за каква намена го користат тоа оружје и ако навистина има таква вооружена група и зошто не се повика на одговорност Нухиу и неговите контакти кои му јавиле за таква група. Не преземањето на мерки за сузбивање и неутрализирање покажува дека власта не ј интересира безбедноста на државата и заканите по уставниот поредок. За сметка на зачувување на власта и меѓу коалициските договори од страна на СДСМ и ДУИ се толерираат вооружени банди и нивните посредници кои се во директен контакт со функционерите што само ги пренесуваат заканите наместо да постапуваат по нив, потенцира Ѓорѓиевски.

Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ вели и дека од страна на МВР и органите на прогонот, се испраќа директна порака и се охрабруваат вакви и слични структури и во иднина, надвор од законот да се вооружат и да се закануваат врз безбедноста на нашите граѓани и нашата држава.

-Органите на прогонот мора сериозно да го сфатат сведочењето на Нухиу и да покренат соодветна постапка. Дури и да лажел и да имал намера со несериозната изјава да влијае во истрагата за 27 април, Нухиу мора да понесе одговорност. Овој хаос и нефункционалноста на државните институции е последица на нашата заробена држава од страна на СДСМ. СДСМ не може да го гарантира мирот и безбедноста на нашите граѓани. Нашите граѓани заслужуваат подобро, истакна Ѓорѓиевски.