Македонија
9. November 2015 - 11:28

Гатачи и црна магија карактеристика на изборите во Мјанмар

Во време на изборниот молк пред вчерашното гласање на парламентарните избори во Мјанмар, пишуваните и електронските медиуми најмногу внимание посветија на тоа кој претскажувач на иднината и кој „маг’’ на црната магија до сега најмногу погодил, или помогнал на некој од политичарите да освои повеќе гласови.

Во оваа 50 милионска држава, во која право на глас имаат над 34,5 милиони жители, пред изборите јавно биле активни над 10.000 гатачи со десетина средства за претскажување, најмногу со тарот карти.

Азиските претскажувачи на судбината не се барани само на овој континент. Кинески, јапонски, индонезиски и претскажувачи на судбината, од секаде од Азија, се ангажираат во Европа и се почесто во САД. Тие кои имаат солидно портфолио заработуваат неверојатно високи суми пари.

Дека очекува судбината да му биде наклонета посведочи и сегашниот претседател на Мјанмар Теин Сеин. Од неговото опкружување потврдија дека претседателот, кој годинава не учествува во изборната трка, од својот гатач добил сериозно предупредување дека нема да успее. Тој побарал помош и од познавачите на црната магија, но по нивната интервенција не добил оптимистичка прогноза од својот претскажувач на судбината.

Во овој дел на светот уште се прераскажува и за суеверието на поранешниот идонезиски претседател Сухарто. Тој два пати годишно влегувал во пештера во близина на Бандунг, каде што гатачите му рекле дека престојуваат духовите на неговите претци. Целата нација, преку националната телевизиска мрежа, го следеше излегувањето на Сухарто по 6 часовен престој во пештерата. Тој не кажуваше ништо, но ако на неговото лице имаше насмевка, тоа значело дека на нацијата ќе и оди добро. Сухарто заврши неславно, а неговото тридецениско владеење е оценето како диктатура.