Гаши: Евроинтеграцијата не се гради во Брисел, туку дома

Евроинтеграцијата не се гради во Брисел, туку дома, во нашите одлуки и начинот на кој постигнуваме консензус, порача претседателот на Собранието, Африм Гаши, на осмата пленарна конференција на Националната конвенција за Европската Унија (НКЕУ-МК), одржана денеска во Собранието.
Гаши нагласи дека ниту едно билатерално прашање не смее да биде пречка за напредокот кон ЕУ, додавајќи дека примерите на Албанија и Црна Гора покажуваат дека процесот е реален и достижен.
-Нашиот натпревар не треба да се одвива во реторика, туку во изнаоѓање заеднички решенија за заедничките проблеми, истакна тој.
Претседателот на Националниот совет за европска интеграција, Венко Филипче, предупреди дека државата губи време поради недостиг на политичка волја за суштински реформи.
- Јасно кажува извештајот на ЕУ, реформи нема, го губиме времето. Ова е еден од најлошите извештаи кои државата ги добила, рече Филипче, нагласувајќи дека нема напредок во клучни области како правосудството, борбата против корупцијата и медиумските реформи.
Тој додаде дека е неопходен широк политички консензус за спроведување на реформите и уставните измени, бидејќи, како што рече, Собранието е единственото место каде што треба да се постигне договор за европската иднина на земјата.
Заменик-претседателот на Комисијата за европски прашања Игор Здравковски истакна дека Националната конвенција е клучен форум за инклузивна јавна дебата, каде се вклучени Владата, Парламентот, граѓанското општество и академијата.
-Реформите мора да продолжат, бидејќи секој застој или отстапување од европските реформи ќе нè турне во ќорсокак и ќе значи само загубено време и енергија, истакна тој, потсетувајќи дека Планот за раст на Западен Балкан, усвоен од ЕК, обезбедува финансиска помош за инклузивни и одржливи реформи.
Потенцира дека законот во сферата на правната држава мора да биде резултат на широк политички, експертски и општествен консензус.
Според него, злоупотребата на европското знаменце веќе нема да се случува, а Собранието ќе биде гарант за транспарентен и предвидлив процес.
-Прво да си ја завршиме домашната задача, а потоа да гледаме кон дијалог, заклучи тој.
Настанот се одржува под мотото „Реформи од другата страна на реториката: Регионални предизвици на патот кон Европската Унија“, со учество на пратеници, амбасадори, експерти од правосудството, академици и претставници од Словачка, Албанија и Србија.
МИА
Ново на Сител
-

Поевтинуваат бензините, дизелот останува со иста цена
-

Бојчевиќ: Исказот на Јовановски е манипулација за избегнување одговорност, судењето продолжува со изведување докази
-

Врачени благодарници на грчките болници, кои ги лекуваа повредените од трагедијата во Кочани
-

Црногорскиот претседател Милатовиќ во официјална посета на земјава
-

Обвинителство: Заврши увидот во Росоман каде син уби мајка, издадена наредба за обдукција
-

Посебен режим на сообраќај во Скопје
-

Трамп: Никој во историјата не ја заслужува Нобеловата награда за мир повеќе од мене
-

16-годишно девојче од Скопје пријавено за исчезнато, пронајдено во стан во Гостивар
