Македонија
8. July 2022 - 16:52

Францускиот предлог на координација кај Џафери во понеделник

Спикерот Талат Џафери во понеделник на редовната координација, но и во присуство на вицепремиерот за евроинтеграции Маричиќ ќе одлучува кога ќе биде свикана седница за паралементот да расправа по Информација од Владата за преговарачката рамка поврзана со францускиот предлог.

За одлуката кога ќе биде седницата Џафери вели ќе се правела посебна проценка. Тој не исклучува доколку е потребно дури да биде прекината и 5 дневната дискусија за ребалнсот на буџетот која почнува во понеделник.

Извори од власта пак, коментираат дека отворена е опцијата сепак, оваа Информација да биде ставена како точка на дневен ред и на седницата на парламентот закажана за 19 јули, кога тензиите во јавноста поради летните одмори се очкува да бидат помали.

Опозицијата пак, реагира дека во Собранието воопшто не е стигнат францускиот предлог, туку само еден лист хартија – информација за преговарачка рамка. Од ВМРО-ДПМНЕ бараат Џафери официјално да ги побара сите документи од Владата.

„Владата дрско сокрива документи од исклучителна важност, со што само ја зголемува нашата загриженоста дека се што е договарано и договорено е на директна штета на Македонија и на македонскиот народ.

Особено загрижува што во Владата изостана храброста доставениот матријал да биде проследен и со потребното Мислење. Односот на Владата кон ова прашање е таа да нема ниту став, ниту мислење, што самото по себе претставува голем срам и за Владата и за Собранието и за самата држава“, реагираат и од Социјалистичката партија.

Но, и помалите владини партнери сметаат дека е недозволиво тоа што Џафери прифатил само еден лист хартија од Владата.

Од власта велат пратениците можеле да дебатираат врз основа на објавените документи на веб-страницата на Владата и тоа било сосема доволно. Инсистираат на нивните заклучоци за идни насоки.

И од кабиентот на Џафери децидно не одговараат дали владиниот материјал, без европските докуменети, е согласно Деловникот, ниту пак, дали имаат намера да го вратат материјалот на Илинденска бр.2. Но коментираат дека Информацијата, согласно собраниските процедури, е доставена до пратениците.