Македонија
9. March 2024 - 16:53

Фотоволтаици за училиштата во Босилово

Три училишта во општина Босилово сами ќе произведуваат струја. Во сите нив ќе бидат поставени фотонапонски централи со вкупна инсталирана моќност од 60 киловати. За една од централите средства ги обезбедува самата општина, а останатите две во најголем дел се финансираат со средства од соседна Бугарија.

За таа цел беше потпишан и договор за донација помеѓу бугарскиот конзул во Македонија и градоначалникот на општина Босилово. Донацијата изнесува 35 000 евра, а општинското учество е 8000 евра.

,, Нашата држава оваа година ќе ја поддржи изградбата на фотоволтаични кровни инсталации кои ќе помогнат на две училишта во општина Босилово и на тој начин ќе им се помогне да бидат по самостојни во снабдувањето со електрична енергија. Верувам дека ова ќе биде една добра инвестиција за да може да се гарантираат подобри услови за училиштата и добра инвестиција за иднината на општина Босилово. Децата се најважното нешто што го имаме и тие заслужуваат поддршка.,, рече Николај Димитров - конзул на Република Бугарија во Македонија

Градоначалникот на општина Босилово вели дека се работи за многу значаен проект кој треба да овозможи подобри услови во училиштата, но истовремено и да ги направи самоодржливи.

Фотонапонските централи ќе бидат поставени во училиштата во Босилово, Турново и Секирник.Целиот проект е планирано да заврши до крајот на летото. Во исто време од општината најавуваат и реконструкција на три други училишта, во Секирник, Иловица и Еднокуќево.