Свет
16. September 2026 - 16:39

Фон дер Лајен: Нови патокази за Западен Балкан, без отстапки од вредностите

Европската Комисија наскоро ќе објави нови патокази за најнапредните земји-кандидати, најави претседателката Фон дер Лајен во годишното обраќање за состојбата на Унијата пред европратениците. Проширувањето останува строго засновано на заслуги, но Фон дер Лајен предупреди дека почитувањето на европските вредности е тема за која нема преговори.

Бев згрозена од сликите од погребот на Ратко Младиќ во Белград минатата недела. Тој изврши едни од најстрашните злосторства против човештвото. Глорификацијата на воени злосторници едноставно нема место во Европската Унија.

Сите жртви од војните во поранешна Југославија заслужуваат правда и траен спомен, потсетувајќи дека вистината останува темел врз кој функционира заедницата, порача претседателката на Комисијата пред европратениците. 

Европа ја отвора вратата за Канада да стане прв асоцијативен член на Европската Унија – историски предлог кој го привлече светското внимание. Фон дер Лајен најави продлабочување на соработката со Отава во одбраната, енергетиката, технологијата и критичните суровини, во момент кога Канада бара нови стратешки партнери. ова засега е само прелог, бидејќи ваков формален статус во ЕУ се уште не постои.  

Ќе преминеме од (Сеопфатниот економски и трговски договор) CETA кон сојуз за иднината, за да создадеме заеднички простор за просперитет и економска безбедност. Ќе работиме на интелигентно производство. Ќе создадеме технолошка алијанса. Ќе интегрираме одбранбени индустриски бази. Ќе го направиме Арктикот водечки заеднички проект. Ќе користиме енергетски критични минерали и батерии за вештачка интелигенција, квантна, сајбер и економска безбедност. Ова не е партнерство против никого друг, туку за нашите заеднички предности, рече Фон дер Лајен 

Посилна и понезависна Европа, со поголеми вложувања во одбраната, безбедноста и европската индустрија, но и поголема поддршка за Украина, беа дел од главните пораки на Урсула фон дер Лајен. Таа најави и нови европски правила за заштита на децата на интернет, вклучително и ограничување на пристапот до социјалните мрежи за најмладите, како и мерки против хибридни закани и сајбернапади.

На почетокот на следниот месец пак Фон дер Лајен ја стартува балканската турнеја во рамки на која ќе ја посети и Македонија. Посета која евроамбасадорот Рокас веќе ја нарече одлучувачки чекор кон започнување на пристапните преговори со Европската Унија. Нејзината агенда сепак се уште не е објавена.