Фатон Љури осуден на 11 години затвор за прегазување на пешак на кејот на Вардар

Основниот кривичен суд Скопје денеска му изрече казна затвор во траење од 11 години на 25-годишниот Фатон Љури, обвинет дека на 1 јули годинава, управувајќи мотор „Кавасаки“ по пешачка патека на кејот на Вардар, го прегазил 68-годишниот Југослав Николовски и го напуштил местото на несреќата.
Покрај затворската казна, на обвинетиот му е изречена и забрана за управување со моторно возило од А категорија во траење од пет години, која ќе започне да се применува по правосилноста на пресудата.
Судот го прогласи Љури за виновен за кривично дело „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ од член 297 став 1 во врска со член 300 став 2 од Кривичниот законик.
Според пресудата, обвинетиот управувал мотоцикл без регистарски таблички и без возачка дозвола по пешачка патека на улицата „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“, површина наменета исклучиво за пешаци, со брзина од 35 километри на час. Притоа, со страничниот дел од мотоциклот удрил во пешакот Југослав Николовски, кој како последица од тешките повреди на черепот и мозокот подоцна починал во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.
Во образложението на пресудата, судијката Снежана Марковска нагласи дека делото е сторено со евентуална умисла, бидејќи обвинетиот бил свесен дека со движењето по пешачка патека ги крши сообраќајните прописи и може да предизвика штетни последици.
– Како олеснителни и отежнителни околности, согласно член 30 став 2 и 3 од Кривичниот законик, се ценат степенот на кривичната одговорност, јачината на повредата или загрозувањето на заштитеното добро, околностите под кои е сторено делото, однесувањето на сторителот пред и по извршувањето на делото, неговиот поранешен живот, личните прилики и други околности што се однесуваат на неговата личност. Отежнителни околности се и оние што на делото му даваат потежок облик, наведе судијката Марковска.
При одмерување на висината на казната, Судот дополнително го оценил интензитетот на дејствието и прекршувањето на законските забрани, посочувајќи дека умислата ја засилува противправноста. Земени биле предвид и исказите на семејството на починатиот за трајната загуба и нарушениот семеен живот.
Во изречената казна затвор на обвинетиот му се пресметува и времето поминато во притвор, а истиот се задолжува да ги плати и трошоците на постапката. До правосилноста на пресудата, Судот му ја продолжи мерката притвор на Љури. Против оваа првостепена пресуда дозволена е жалба во рок од 15 дена до Апелациониот суд Скопје.
МИА
Ново на Сител
-

Кривична за четири лица од Кочани за злоупотреба на службена положба во јавна набавка од 1,4 милиони денари
-

Град Скопје го уредува кејот на Вардар и најавува изградба на нова градска плажа
-

Тивок марш и парастос во Македонска Каменица „Кети Милковска и 63 ангели“
-

Нападната екипа на ТППЕ во Куманово, полицијата приведе две лица
-

Кривична за поранешен директор и три лица во јавно претпријатие во Кочани за злоупотреба на службената положба
-

Приведени 15 возачи поради возење без возачка, со активна забрана за управување од нив една малолетничка
-

ОН ја повикаа Русија да ги запре нападите врз енергетската инфраструктура на Украина
-

Tрамвај излета од шините во Сараево, една жена загина, неколкумина се повредени
