Македонија
13. October 2023 - 14:09

Евроамбасадорот Гир ја посети Општина Шуто Оризари

Шефот на Делегацијата на Европската Унија, амбасадорот Дејвид Гир, денеска ја посети Општина Шуто Оризари, каде имаше средби со градоначалникот Курто Дудуш и со општинскиот Совет на кои станало збор за предизвиците со кои се соочува Општината. 

Евроамбасадорот Гир и градоначалникот Дудуш нагласија дека на средбата дискутирале за прашања од сферата на образованието, домувањето, здравствените услуги, јавниот транспорт и други прашања коишто ги засегаат граѓаните.  

-Се разбира дека би било целосна грешка ако се гледаат сите проблеми коишто постојат во Шуто Оризари во контекст на предизвици. Напротив. Во Општина Шуто Оризари постои голема разноликост на население кое што има многу богата културна, јазична и историска традиција, така што мислам дека сите заедници коишто живеат во Шуто Оризари навистина можат да направат голем придонес. Тие се голема вредност за самото општество, во самиот процес на интеграција сета оваа разновидност на култури, на јазици и историска традиција која што постои во Шуто Оризари тоа ќе биде од голема вредност не само во вашата земја, туку и пошироко и во рамките на ЕУ. Токму поради таа причина ние во ЕУ ќе направиме се што е во наша можност да го дадеме нашиот придонес да продолжиме да работиме на сите предизвици со коишто се среќаваат сите заедници коишто живеат тука во Шуто Оризари за да можеме да ги засилиме тие заедници, за да можат да се подобри нивниот стандард за живеење за да бидат потполна вредност не само за вашето општество, туку и генерално за ЕУ.  И навистина морам да кажам дека сум импресиониран од елоквентноста, старста и посветеноста на некои од луѓето со коишто се сретнав денеска, рече Гир во однос на оваа прва негова посета на Општината Шуто Оризари. 

Градоначалникот Дудуш истакна дека на средбата покрај за предизвиците со кои се соочуваат го запознал Гир и со успешните проекти кои ги спровеле, како ис о стекнато искуство кое вели може да се примени и во други општини.

За време на престојот во Шуто Оризари, предвидено е амбасадорот Гир да се сретне и со претставници на граѓанските организации, да посети една од куќите реновирани во рамките на проектот финансиран од ЕУ „Зајакнување на одржливиот урбан развој на ромските населби“. Посетата ќе ја заокружи со кафе-дебата со граѓаните за да одговори на прашања поврзани со европскиот пат на Северна Македонија, што е вообичаена пракса при неговите посети на општините.

Ова е деветта во низа општински посети на евроамбасадорот Гир по отворањето на пристапните преговори на ЕУ со Северна Македонија во јули 2022 година. Целта на посетите е да се презентираат новите чекори во процесот на преговори за пристапување во ЕУ и нивното влијание врз секојдневниот живот на граѓаните.