Ракомет
24. January 2018 - 18:02

ЕП - Хрватска 2018: По бод за Словенија и Чешка во Вараждин

Првиот натпревар од групата 2 од Европското првенство во Вараждин меѓу Словенија и Чешка заврши без победник 26:26. Двете селекции во неколку наврати во текот на натпреварот имаа предност и до пет голови, но нерешениот резултат е најреалниот исход. 
Репрезентацијата на Чешка многу подобро го почна дуелот пред се благодарение на серијата одбрани на Томаш Мрква, кој првиот дел го заврши со 13 одбрани. Во првиот дел Чешка највисокото водство го имаше во 21.минута (12:7), но до крајот на првиот дел не постигна гол и Словенија успеа да намали на 12:11 на полувреме.
Во вториот дел Словенија поведе со 16:15, но Чешка брзо се врати во водство со серијата од 5-0 за 20:16. Избраниците на Веселин Вујовиќ сепак стигнаа до три изедначувања (20:20; 21:21 и 22:22), а во 53.минута и поведоа со 23:22. На пет минути пред крајот Словенија поведе и со 25:23. Чешка не застана и во 58.минута изедначи на 26:26 (остана конечен резултат). Словенија не го искористи својот последен напад, а во завршните секунди Кашпарек кај Чешка ја погоди пречката и резултатот остана непроменет. 
Чешка има 5 бодови, Словенија 4 и двете селекции имаат повеќе од Македонија која својот дуел со Данска го игра од 18:15 часот, додека вечерва од 20:30 часот е дуелот меѓу Шпанија и Германија. На чело на табелата во групата е Данска со 6 бодови, а Германија и Шпанија имаат по 4.
На дуелот во Загреб од групата 1 Белорусија ја совлада Србија со 32:27 и со 2 бода заврши на 5.место во групата, додека Србија без бод е последна. Во терминот од 18:15 часот играат Норвешка – Шведска, а од 20:30 часот е дуелот Хрватска – Франција.