Македонија
18. November 2016 - 14:49

Елези: Избрани фирмите кои ќе ги реконструираат трите брани на реката Пена

Министерката за локална самоуправа Ширет Елези денеска информира дека се избрани двете фирми кои ќе работат на реконструкција на трите брани на реката Пена, на чистење на дивите депонии во село Шипковица и на изведба на подготвителните работи за инсталација на хидролошки станици во полошкиот регион.

- По целосното спроведување на постапката за набавка, вчера се потпишаа договорите со фирмите и во текот на следните дена се очекува да почнат работите на терен. Согласно договорите, работите околу чистењето на дивите депонии во село Шипковица, како и подготвителните работи за инсталација на хидролошки станици, во целост треба да бидат завршени до крајот на годината, додека рокот за комплетирање на реконструкцијата на трите брани на реката Пена е крај на март наредната година, рече Елези. 

Со тоа, како што рече, Министерството за локана самоуправа, во соработка со УНДП, ќе ја заокружи првата фаза од санирањето на причините и намалување на ризиците од поплави во Полошкиот плански регион.

Димитрија Сековски од УНДП информира дека на реката Пена во Тетово постои систем од прегради, брани кои се армирано-бетонски и решеткасти, кои го штителе и го штитат градот од поројните поплави кои со себе носат огромни наноси. 

- За жал за време на последната поплава што беше во август 2015 година три од вкупно шесте прегради беа сериозно оштетени, што значи дека градот Тетово е изложен на ризик од поплави и од други видови штети, наноси, крупни камења..., рече Сековски.  

Додаде дека преградите што се во подобра состојба ќе ги зајакнуваат, реконструираат и ќе направат одредени градежни интервенции со цел да се стават во функција и да го заштитат Тетово до моментот кога ќе се воспостави повторно целиот систем за заштита на градот.