Македонија
11. August 2021 - 18:14

Експерти за пожари од Франција на увид на пожарот кај Ласкарци

Во земјава пристигнаа експерти за високо ризични пожари од Франција, од Црна Гора и од САД, информираше денеска на прес-конференција портпаролот на Центарот за управување со кризи, Илија Бојаровски.

Тој нагласи дека со француксите експерти имале конструктивна средба и тие веднаш стапиле во акција.

– Ги однесовме на лице место од тло да го видат пожарот во село Ласкарци, а потоа веднаш по половина час им беше овозможено и од воздух да го разгледаат теренот, за потоа да се организира состанок во Противпожарната Бригада во Скопје, на кој што беа разгледани можности, како, кој методи и кој тактики да се преземат бидејќи пожарот е на исклучително стрмен терен, додаде Бојаровски.

Портпаролот на ЦУК нагласи дека примарна цел е да се заштитат околните населби, за кои, како што нагласи, засега нема опасност.

– Сепак треба да се разработат сите тактики и методи за што сме благодарни на сите помагатели од странските пријателски држави, изјави Бојаровски.