ЕК додели 83 милиони евра за поддршка на цивилите во Украина и Молдавија погодени од руската агресија

Во пресрет на двегодишнината од почетокот на руската воена агресија врз украинската држава, Европската комисија најави дополнителна хуманитарна помош од 83 милиони евра за поддршка на цивилите во Украина и Молдавија погодени од последиците на војната.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, од вкупната сума, 75 милиони евра се наменети за хуманитарни проекти во Украина, како обезбедување сместување, чиста вода, образование и здравствена заштита, пред се за лицата кои живеат во областите близу до линијата на фронтот.
Останатите осум милиони евра се предвидени за хуманитарни проекти во Молдавија наменети за најранливите категории граѓани, кои вклучуваат парична помош и пристап до социјална и здравствена заштита.
Комисијата посочува дека оваа финансиска поддршка доаѓа во клучен момент, имајќи предвид дека околу 14,6 милиони луѓе во Украина имаат потреба од хуманитарна помош.
– Целните руски напади врз клучната енергетска и цивилна инфраструктура во Украина, како што се болниците, училиштата и електричната мрежа, сериозно го попречуваат пристапот на луѓето до основните услуги.
Со секое ново гранатирање, се поголем број Украинци остануваат без покрив над главата и имаат потреба од помош и засолниште во услови на ниски температури, наведува Еврокомисијата.
Со овие најнови средства за поддршка, вкупната хуманитарна помош на Европската комисија за цивилите погодени од војната во Украина од стартот на руската агресија во февруари 2022 година достигна 926 милиони евра.
Од оваа сума 860 милиони евра се доделени за хуманитарни програми во Украина, а 66 милиони евра за поддршка на украинските бегалци во Молдавија.
Руските сили ја нападнаа Украина на 24 февруари 2022 година, започнувајќи ја најголемата воена офанзива во Европа по Втората светска војна, што резултираше со најмалку 10.000 цивилни и стотици илјади воени жртви, 3,6 милиони внатрешно раселени лица и 6,3 милиони украински бегалци во други земји.
Ново на Сител
-

Два последователни земјотреси во Венецуела – голем број загинати и повредени, бројките растат секоја минута
-

Дуел со квалификации меѓу Филипче и Мицкоски на пратенички прашања
-

Пет дена до рокот: Собранието во трка да ги изгласа законите од реформската агенда
-

Нема договор меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ за промена на ресори, разговорите продолжуваат
-

Ревизија на МЕПСО: Спорни вработувања, хаос со имотот и милионски провизии за неискористени кредити
-

Судење за „Пулс“, родителите ја напуштија судницата
-

Во Источна Македонија најмногу потрошувачка на лекови на рецепт
-

Жените во Тетово ќе се капат во посебни термини во градскиот базен
