Македонија
30. May 2017 - 15:34

„Дванаесеттата ноќ - спроти Водици“ на Шекспир премиерно во Струмица

Во Народниот театар „Антон Панов“ во Струмица на 1-ви и 2 јуни премиерно ќе биде изведена претставата „Дванаесеттата ноќ - спроти Водици“ работена по текст на Шекспир,  во режија на Дејан Дамјановски.

- За мене како режисер е особено важно што во оваа претстава учествува скоро цел ансамбал на Струмичкиот театар. Мислам дека успеавме да ги поврземе енергиите и да создадеме многу солиден театарски прозивод, кој се надевам ќе живее уште долго. Оваа комедија во голема мера има врска со карневал, дејството се случува последната ноќ од божиќниот пост кога целата потисната енергија и забранети мисли излегуваат на површина. Сметам дека Струмица е идеално место за оваа претстава поради културниот контекст, рече режисерот Дамјановски денеска на прес-конференција. 

Во главната улога ќе настапи младиот струмичанец Горан Ников, дипломиран актер на Факултетот за драмски ументости, кому ова му е прва претстава во родниот град.

- Прво искуство во Струмичкиот театар. Ја играм улогата на Војводата, во оваа љубовна комедија со сплетки и со интриги. Ликот е лудо заљубен војвода во Оливија, кој прави и луди работи за да стигне до неа, но по пат се случуваат сплеткарски игри кои водат до поинакво финале, рече актерот Ников.

За актерот Бранко Бенинов работата на претставата бил ретко доживеан процес.

- Да се биде дел од млада и талентирана екипа е чест. За самото размислување на Шекспир мораше да има една страшна доверба со режисерот кој дојде со посебен концепт. Имавме еден од најдобрите процеси во моите 35 години кариера, проткаен со внимание, љубов, посветеност и неверојатно познавање на сите ситуации, рече Бенинов.

Според актерот Васил Михаил, Шекспир е тешко преведлив на македонски но, рече тој, ние успеавме да создадеме добра претстава. 

- Комедиите на Шекспир не се лесно преводливи или препевливи на македонски јазик, но мислам дека успеавме да го преведеме тој јазик на ренесансата, таа страст, љубов која извира од секоја пора на текстот и ликовите во неа, рече Михаил.

Ова ќе биде трета премиера на Струмичкиот театар сезонава.

- Провокацијата беше дамнешна, во Струмица како најголем карневалски град во Македонија да се игра овој текст. Задоволен сум од режисерот кој во овие десет години третпат создава кај нас, исто така и од играта на младиот струмичанец Ников. Претставата ќе ја збогатат особено богатите костими, какви што немал нашиот театар, а кои подоцна ќе ги изложиме во новиот објект на Народниот театар „Антон Панов“, рече директорот на театарот Драган Маџиров.

Сценограф на претставата е Кире Василев, костимограф Елена Дончева со асистенција на Илина Горичова и Ана Марија Митриќеска Клчева. Првото гостување претставата ќе го има на 29 јуни - на Шекспир-фест во Битола.