Македонија
17. May 2024 - 16:34

ДСЗИ повторно ќе оди во вонредна контрола на Токсикологија

Здравствениот и санитарен инспекторат наредната недела повторно ќе оди во вонредна контрола на Токсикологија. Од ДСЗИ се категорични – не смее да има вработување на поранешни договорци само со потпис на еден директор, што на клиниката веќе го направила актуелната Бесија Илјази. Повторно незаконски и без почитување на препораки на надлежни институции, на работа во установата одат лица од кои некои немаат соодветно образование што веќе го утврдиле инспекторите,  но и болничар кој сакал да замени урина со наркотик со чист примерок. 

- Во понеделник ќе направиме контрола по веќе издадено решение, каде меѓудругото е и препораката дека на работа не смеат да одат лица кои немаат никаков договор со клиниката, а за одлука од Токсикологија треба врзан потпис на двајцата директори. Доколку не се почитува решението ќе има казни, вели Рената Младеновска, директор на ДСЗИ. 

Прашање е дали незаконски работи и Министерството за здравство бидејќи изборниот процес се уште не е завршен а Демири го разреши медицинскиот директор на Токсикологија додека истиот е на одмор.  За разлика од објаснувањата зошто го разрешил Петровски, Демири веќе 2 дена не одговара дали ќе му се извини на професорот Нико Беќаровски откако МЗ официјално објави изјава за наводни тврдења од поранешни договорци дека докторот им се заканувал и навредувал на етничка основа. 

Демантирајќи ги клеветите, Беќаровски најави тужба против наводните потписници на изјавата.

Од друга страна и покрај реакциите од вработени дека немаат комуникација со организациската директорка посочувајќи дека е одговорна за хаосот на клиниката, Демири не ја разреши и Бесија Иљјази.