Довербата во армијата е резултат на долга работа и труд
Довербата и позицијата кои армијата ги ужива на домашен и меѓународен план се стекнати со работа и труд, а ваквите вредности треба постојано да ги чуваме и негуваме, посочи Началникот на ГШ на АРМ Горанчо Котевски.
Ден пред денот на АРМ, на градските гробишта во Бутел во Скопје беа положени венци со свежо цвеќе со воени почести, на партизанските гробишта, на гробот на загинатиот претседател Борис Трајковски, поранешниот претседател Киро Глигоров , како и на гробот на генерал Михајло Апостолски.
Во својот говор по постројување на вработените пред зградата на МО и ГШ на АРМ, Началникот Котевски потенцираше дека еден од најзначајните елементи во функционирањето на АРМ и нејзината борбена готовност е нејзината модернизација со ново вооружување, техника и опрема.
Армијата на домашен и меѓународен план покажа дека има капацитет да се носи со тежината на задачите и проблемите кои произлегуваат од нејзината мисија, со успешно извршените обврски, а ваквиот успех е успех на секој командант, команда и единица. Тоа го докажуваат и успешно извршените задачи во меѓународните мировни операции предводени од НАТО, ЕУ и ООН.
На крајот од церемонијата, во присуство на Министерот за одбрана Зоран Јолевски и Началникот на ГШ Горанчо Котевски, заменик министерот Иљми Селами, како и заменик началникот на ГШ на АРМ Насер Сејдини, беа прочитани наредби за унапредување, а беа врачени и плакети, благодарници и други стимулативни мерки.
-

Бранислав Јаневски
Сите содржини од овој новинар
