Македонија
21. September 2019 - 10:15

Донација за Дневниот центар од Крива Паланка обезбедена од младата активистка Величковска

Во Дневниот центар за лица со попреченост од Крива Паланка донирани се електрични и електронски апарати набавени со средства собрани од хуманитарна акција што ја организираше младата активистка Ана Величковска.

Величковска е активен член на Американскиот совет во чии рамки организираше хуманитарна забава за младите од Крива Паланка, а собраните средства беа наменети за набавка на потребните апарати на Дневниот центар: електричен шпорет, машина за перење и лаптоп. Акцијата е организирана преку програмата „Yes“ на Американскиот совет.

-Со оваа програма бев обучена за изработка на проекти со цел да се пренесат вештини и знаења овде, во нашата земја. По големите успеси таму, се решив да направам проект тука за да направам нешто корисно за нашето општество. Организиравме хуманитарна забава со симболична сума за влезници, со дониран простор и ди-џеј. Со помош и од American Council кој ни ја даде можност да напредуваме и секако World Link и американските организации. На забавата присуствуваше и директорот на Центарот за социјална работа како и голем број социјални работници. Собраните средства, вкупно 30 000 денари, ги наменивме за Центарот и планираме да реализираме и други проекти во интерес на корисниците, промовирајќи го волонтеризмот на младите, изјави Величковска.

Директорот на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа Гоце Цветковски изрази благодарност за донацијата и истакна дека е многу важно што е млади луѓе посветуваат внимание на една ранлива категорија на граѓани.

Веќе е договорена и следната активност која во координација со директорот на Меѓуопштински центар за социјална работа, младите волонтери и останати ентузијасти и филантропи ќе ја реализираат во насока на разубавување на дворот и околината на Дневниот центар.

Дневниот центар неодамна доби донација од ЕВН со која беа поставени нови реквизити во забавно-рекреативниот парк, а од “Europraid” во соработка со Француската амбасада, професорката по француски јазик од ООУ”Јоаким Крчовски” , Елена Николовска ја достави донацијата на опрема, инвалидски колички и помошни материјали за корисниците на центарот.