Македонија
28. December 2015 - 13:47

Доаѓа вистински студ во Македонија - подгответе се за снег и температури од минус 15 степени

Последните два дена од оваа година ќе донесат значителна и прилично нагла промена на времето. Серијата на топли и сончеви денови ќе ја завршиме во вторник, 29 декември. До тогаш поголеми промени не се очекуваат. Остануваме со температура која низ котлините ќе има максимална вредност околу 11°С, на повисоките места околу 13°С, а во гевгелискиот регион околу 16°С. Понеделник и вторник ќе бидат претежно сончеви денови. Но, од среда работите на метеоролошки план значително ќе се променат. Ќе „потпаднеме“ под продор на значително постудена воздушна маса, која рапидно ќе ја намали температурата. Се очекува пад на температурата за околу 8°С, па во голем дел од земјата во среда максималната температура ќе биде во границите 4°С до 7°С, пишува специјализираниот портал за временска прогноза МетеоПро.

Среда ќе биде и претежно облачен ден, но од оваа облачност не се надеваме на некоја значителна количина на врнежи. Ќе ги очекуваме кон крајот на денот, односно во ноќта кон четврток, и тоа пред се во источните и јужните делови од земјата. Изледите се дека во споменатата ноќ снегот ќе се спушти и на висина до околу 400 метри. Сепак, станува збор за релативно мала количина на очекувани врнежи.

Четврток ќе биде уште постуден. Во голем дел од земјава, температурата низ поголемите населени места ќе има вредности околу 0°С. Постепено во четврток околу пладне се очекува разведрување. Во петок, на 1 јануари се очекува претежно ведро време, со прилично ниски утрински температури, кои на традиционално постудените места (пр.малешевијата) ќе се спушти до вредности и под -10°С. Од сабота, температурата ќе бележи постепен пораст.

Околу 4ти јануари, понеделник, се очекуват нови врнежи, но ќе бидеме под влијание на јужно струење, што ќе значи и „качување“ на снежната граница. Реално е снегот да се очекува на повисоките и планинските места.

Нов позначаен бран на врнежи засега се очекува и околу 7ми јануари, но и тука мора да се напомене, дека со сегашните прогностички изгледи, кои нагвестуваат адвекција (доток) на топол воздух на висина од околу 1300 метри, реално е да се очекува дожд на пониски места, а снег само на повисоките места.