Македонија
4. July 2022 - 12:28

Дивите депонии дополнителна опасност за пожари

Дивите депонии една од главните причина за пожарите на отворено во струмичко. Од дирекцијата за заштита и спасување која спроведува кампања за превенција  од пожари на отворено велат дека дури 65 проценти од нив се предизвикани од невнимание. Како резултат на тоа биле опожарени повеќе површини со житни култури, лозови насади, но и зеленчук.

„Во струмичко имаме огромен број на диви депонии. Еве сега во саботата имавме запалена дива дива депонија од која пожарот се прошири на неожнеано жито и направи голема штета. Имаме и појава на диви депонии и на патниот правец Банксо - Габрово, истите се палат, а знаеме дека шумата Беласица е веднаш на патот па може да се случи од дивите депонии да се запали цела шума и верувајте дека тој пожар ќе се гаси три до четири месеци бидејќи конфигурацијата на теренот е многу лоша, вели Митко Димчев-инспектор во ДЗС.

Од дирекцијата со апел до сите граѓани,  да бидат одговорни и внимателни , а посебно земјоделците кои започнуваат со жетва,  да не ги палат стрништата на нивните ниви  туку да ги заоруваат.  Ова се однесува и на палењето на сувата вегетација од необработените земјоделски површини која претставува потенцијална опасност за проширување и на станбените објекти.

,, Имаме голем проблем со тоа што голем дел на земјоделски површини веќе не се обработуваат, луѓето или немаат начин или немаат време или не се моментално во Македонија и тие се обраснати со сува вегетација, така што може да се случи огнот неконтролирано да дојде и до население места и да се загрозат објекти и животот и здравјето на самите луѓе.,, вели Димчев.

Последните три месеци пожарникарите од струмичката противпожарна единица имале 40 интервенции на отворен простор. Најголемиот дел од нив биле запалени суви треви и диви депонии.