Македонија
30. March 2018 - 22:06

Димитров на Твитер: Преговорите за името во деликатна фаза, шпекулациите се штетни

По демантот на грчкото МНР дека македонската страна се согласила на промени на Уставот, и министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Димитров се огласи на Твитер, велејќи дека преговорите за името се во деликатна фаза и оти шпекулациите се штетни.

- Процесот за спорот за името е во деликатна фаза и шпекулациите од одредени медиуми се штетни. Јас стојам на моето јавно соопштение и ја информирам јавноста дека не сум дал дополнителни неформални изјави, објави Димитров вечерва на Твитер.

Кусо по завршувањето на средбата во Виена и изјавите на Метју Нимиц, Никола Димитров и Никос Коѕијас, грчкото МНР излезе со соопштение во кое демантираше информација објавена во одредени грчки медиуми дека македонската страна наводно била подготвена да направи уставни промени, јави дописничката на МИА од Атина.

- Никаков дипломатски или друг грчки извор не рече дека скопската страна изјави дека е на располагање да направи одредени промени во Уставот на земјата. Конкретното споменување е намерна провокација од страна на секој медиум што ја пренесе конкретната информација, пишува во соопштението од грчкото МНР.

Претходно по завршувањето на денешната средба во Виена со медијаторот Метју Нимиц и грчкиот колега Никос Коѕијас, Димитров истакна дека има условен напредок во преговорите, бидејќи, како што рече, како одиме напред  доаѓаме до потешките прашања.

- И од нашата страна и од нивната страна имаме доста за размислување, и за мерење. Работевме по логиката што е тоа што е најважно за едната страна и за другата страна и дали можеме во компромисот кон кој се движиме да ги покриеме двете работи. Меѓутоа не зачудува што колку отворено и поконкретно чекориме кон решение така и тешкотиите излегуваат се повеќе на виделина“, изјави шефот на македонската дипломатија.