Македонија
25. March 2024 - 17:01

ДИК го утврди редоследот на гласачкото ливче за претседателските избори

Актуелниот претседател Стево Пендаровски како кандидат на СДСМ ќе биде прв на гласачкото ливче. Кандидатката на ВМРО ДПМНЕ Гордана Силјановска Дафкова број 2, Стевчо Јакимовски како кандидат на ГРОМ 3-ти, Бујар Османи од ДУИ број четири, Билјана Ванковска како кандидат на Левица петта, шест на гласачкото место Арбен Таравари од коалицијата Вреди и седми кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски како кандидат на ЗНАМ - ДИК преку ждребка го утврди редоследот на кандидати на гласачкото ливче за претседателските избори.

На овие претседателски избори кои ќе се одржат на 24-ти април, гласачкото ливче за првпат ќе биде најдолго со седум кандидати кои влегуваат во трката за нов шеф на државата. Вториот круг ќе се одржи на 8 мај заедно со парламентарните избори.

Во дијаспората ќе бидат спроведени само претседателски избори, бидејќи не беа пријавени доволно  иселеници за да се исполни условот од 5355 гласачи за да се одржат и парламентарните.                                                

Претседателот на Комисијата Даштевски уверува дека изборните процеси се одвиваат согласно роковите, а Комисијата е подготвена за деновите на гласање.

Увидот во избирачкиот список за претседателските избори е завршен и ќе биде заклучен на 2-ри април.. Согласно процедурите, кампањата за избор на претседател започнува на 4-ти април.