Македонија
29. јуни 2017 - 9:53

Деветнаесетта „Вардарската регата Гемиџии“

Во реката Вардар од под Мало Мовче во велес денеска ќе заплови 19. „Вардарска регата Гемиџии“. 
 
Учествуваат десетина гумени чамци и една дрвена гемија изработена според реплика на гемииите од пред стотини години кои пловеле по Вардар, од Велес за Солун каде велешките трговци пренесувале разновидна стока.
 
Во чест на Гемиџиите од 1903 година од кои најголем дел биле велешани, ќе се плови во четири етапи, а целта е во недела да се стигне под мостот на Вардар кај Гевгелија.
 
Во првата етапа денеска ќе се плови низводно до Криволак, утре од Криволак до Демир Капија, во сабота од Демир Капија до Марвинци и во недела од Марвинци до Гевгелија.
 
По повод 19. регата синоќа на платото пред Мало мовче со пригодна програма се чествуваа дрвената гемија и славните Гемиџии. Настапија Црковниот младински хор „Св. Кирил и Методиј“ под диригентство на Веселинка Маџарова и Младинското драмско студио „Словото“ со драматизацијата „Гемиџиски муабети“ на авторот Љупчо Данов. Потоа Оркестарот за народна музика „Александрија“ под раководство на Филип Арилон долови дел од македонската музичка ризница, а велешките пензионери ја изведоа „Ленка“ од Кочо Рацин во кореографијата  на Лиле Арсова.
 
Програмски богатата и разновидна велешка вечер заврши со сплет на народни игри и ора во изведба на  членовите на Фолклорниот ансамбал „Керамичар“.