Македонија
22. December 2019 - 18:24

Детектор: Мнозинството граѓани се задоволни од услугите на јавната администрација и очекуваат нејзиниот број да се намали

Мнозинството граѓани се задоволни од квалитетот на услугите кои што ги добиваат од јавната администрација но сметаат дека бројот на вработени под државна капа треба да се намали. Вакви резултати дава последното истражување на јавното мислење кое по нарачка на Детектор го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје.
 
Според него, 48,2 отсто од анкетираните велат дека се задоволни од квалитетот на услугите кои ги
добиваат од јавната администрација. Висок е бројот на граѓани кои што се незадоволни од
квалитетот на услугите. Ваков став имаат 41,3 отсто од анкетираните.
 
Најголем дел од граѓаните или 17,6 отсто најчесто потреба од некаква услуга имаат во единиците на
локалната самоуправа. 8,7 проценти најчесто контактираат со МВР, 7,7 отсто со Агенцијата за катастар и по нешто повеќе од 6 отсто со Фондот за здравствено осигурување и Агенцијата за вработување.
Очекувано, овие институции предизвикуваат и најголемо задоволство, односно незадоволство кај
граѓаните.
 
Па така на прашањето во кое граѓаните може да одберат било која од институциите од кои што се
најзадоволни, 9,9 отсто ги одбрале општините, 7,5 проценти МВР и 3,6 отсто УЈП. Од анкетираните 3,2 отсто се определиле за Агенцијата за катастар, а 3 отсто за Фондот за здравствено осигурување.
 
Бидејќи најчесто се користат нивните услуги, општините се на врвот и кога станува збор за
институциите од кои граѓаните се најнезадоволни. Од анкетираните 9,1 отсто како институција од која
се најнезадоволни ги одбрале единиците на локалната самоуправа, 5,2 отсто се најнезадоволни од
Агенцијата за вработување, а 5 отсто од Центарот за социјални работи. Од анкетираните 4,6 отсто најголемо незадоволство имаат од искуството со јавната администрација во МВР, а 3,7 отсто со Агенцијата за катастар.
 
Повеќе од половина од граѓаните или 51,7 отсто сметаат дека бројот на вработени во јавната
администрација треба да се намали. Само 15,5 отсто мислат дека се потребни уште вработувања додека
18,4 проценти се на ставот дека бројот на вработени во државните институции треба да остане ист.
 
Анкетата на Детектор покажува дека граѓаните кои имаат повисоки примања очекуваат помал
број на вработени во јавната администрација. Па така, 52,6 отсто од граѓаните кои имаат примања
пониски од 20.000 денари сметаат дека бројот на административци треба да се намали за разлика
од над 60 отсто кои се со примања над 40.000 денари месечно кои се на став дека потребно е за
државата да работат помал број на луѓе.
 
Близу две третини од граѓаните на вработувањата во јавниот сектор пред избори гледаат како на
предизборна манипулација. Ваков став делат 62,6 отсто од анкетираните наспроти 14 проценти кои сметаат дека вработувањата пред избори се реална потреба на државата.
 
Оваа бројка е уште поиздиференцирана кога станува збор за ставот на младите. Дури 71,9 отсто од
нив во вработувањата во јавниот сектор пред избори гледаат предизборна манипулација наспроти 12 проценти кои се на став дека тоа е реална потреба.
 
Анкетата на Детектор покажува дека најголем број граѓани очекуваат дигитализација на услугите и
намалување на бројот на вработените. Од анкетираните 51 отсто сметаат дека реформите во јавната администрација треба да бидат насочени кон дигитализација и намалување на бројот на вработени, наспроти 31,6проценти кои велат дека очекуваат реформите да се движат во насока на обуки и нови вработувања.
 
Анкетата на Институтот за политички истражувања Скопје по нарачка на Детектор е спроведена
телефонски во периодот од 16 до 19 ноември врз репрезентативен примерок од 1.116 испитаници
со маргина на грешка од плус – минус 3 отсто.