Македонија
2. August 2015 - 12:22

Ден полн со трагедии: Македонските патишта и води однесоа седум животи

Вчера беше црна сабота во Македонија. По македонските патишта и во водите на Охридското езеро и реката Турија згаснаа седум животи. Еве го во целост полицискиот билтен за петте трагедии што ја потресоа Макеоднија во текот на вчерашниот ден.

На 01.08.2015 година околу 07,00 часот на автопатот Скопје-Гевгелија кај клучката за с.Прдејци се случи сообраќајна незгода во која ПМВ „Рено Меган“ со српски национални ознаки управувано од Р.П.(54) најпрво со предниот лев дел од возилото удрил во задниот десен дел од ПМВ „Фиат Добло“ со гевгелиски регистерски ознаки управувано од А.Р.(27) кое се движело во иста насока по што изгубил контрола над возилото и удрил во метален столб. Од здобиените повреди на лице место починала Татјана П.(45), а Н.П.(18) и едно 10 годишно девојче пренесени се во ЈЗУ-Гевгелија каде им подлегнале на повредите. Возачот по укажаната лекарска помош во ЈЗУ-Гевгелија е пренесен во Ургентниот Центар во Скопје. Увид на местото на настанот извршиле Ј.О. и увидна екипа од ПС Гевгелија. Се работи на целосно расчистување на случајот.

На 01.08.2015 година околу 04,40 часот на регионалниот пат од правец на Планина Плачковица кон Радовиш, моторцилкл „Хонда“ со штипски регистерски ознаки, а управувано од Иван Ф.(24) од Радовиш во еден момент изгубил контрола излетал од патот и удрил во дрво покрај коловозот. Од здобиените повреди истиот починал на лице место. Увид на местото на настанот извршиле Ј.О. и увидна екипа од БПС Радовиш. Се работи на целосно расчистување на случајот.

На 01.08.2015 година околу 20,40 часот на автопатот Тетово-Скопје во близина на наплатната рампа  Желино случена е сообраќајна незгода во која Љупчо З.(55) од Скопје управувајчи ПМВ „Опел Вектра“со скопски регистерски ознаки изгубил контрола и излегол надвор од коловозните ленти. Од здобиените повреди истиот починал на лице место. Увид на местото на настанот место извршиле Ј.О. и увидна екипа од БПС Тетово. Се работи на целосно расчистување на случајот.

На 01.08.2015 година околу 20,00 часот забележано  е безживотно машко тело во водите на Охридското езеро на плажата „Горица 1“. Телото е пронајдено од страна на спасителите на вода од Црвениот крст,  на оддалеченост од околу 20  метри од брегот на езерото, на плажата во близина на поранешниот хотел „Парк“. По извршениот увид на местото на настанот од страна на јавен обвинител  и увидна екипа од СВР-Охрид констатирано е дека се работи за лицето Гоце И.(46) од с. Живалево-кратовско. На безживотното тело не се забележани траги на насилство а медицинска екипа констатирала смрт од срцев удар.

На 01.08.2015 година околу 16,00 часот на м.в. „Пиперевско поле“ во атарот на с.Доброшинци-струмичко долж реката Турија, Димитар В.(18) заедно со уште три лица отишле да се бањаат во таканареченото место „Барата“ и по некое време истиот потонал во водата. Веднаш по пријавувањето на настанот на лице место излегле Ј.О. екипи на СВР-Струмица и од ТППЕ Струмица, кои извршиле пребарување низ водената површина и околу 21,50 часот го пронашле и извадиле на површина телото на Димитар а од страна на лекар констатирано е смрт.