Македонија
16. October 2023 - 13:57

Демократско Движење: ДУИ го прогласи Никола Груевски за национално богатство на Албанците

ДУИ знае дека ќе ги изгуби изборите, ДУИ знае дека ќе оди во опозиција, последниот спас го бараат во стариот другар и соработник. ДУИ го прогласи Никола Груевски за национално богатство на Албанците, а всушност е сламка за спас на неколку луѓе од ДУИ, истакна на денешната прес-конференција Фари Исени од Демократското движење.

Додаде дека ДУИ знае дека ќе оди во опозиција, а од таму го сака Груевски на власт кој, како што кажа, е човекот кој беше причина државата да биде во изолација десетина години, нејзиното незачленување во НАТО и ЕУ, како и за многу Албанци да бидат прогонети и осудени.

-Спасот, ДУИ не го бара во надежта дека Груевски може да обезбеди пратеници, да гласа за промена на уставот. Спасот, ДУИ го гледа во повторувањето на истите епизоди, неказнивоста за Груевски да биде и да важи како неказнивост и за криминалите на неколку лица од ДУИ, изјави Исени.

Тој ги спомна и неодамнешните известувања по медиумите дека лично Артан Груби е замешан во лобирање и притисоци да се вратат во живот помилувањата.

-Ние остро го осудуваме ова однесување на власта. Ние сакаме да има правда. Тие сакаат да има пазар и тргување со правдата. Денес за Груевски, утре за нив самите. Ги повикуваме судиите од Врховниот суд да не подлегнат на оваа измама и на овој притисок од ДУИ, рече Исени.

На новинарско прашање поврзано со согласувањето помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ дека преку работна група ќе договараат датуми за избори, дека се во опција сите комбинаторики за парламентарните и претседателските избори и дали Демократското движење би учествувала во таква работна група и кои датуми се прифатливи за партијата, Исени го повтори службениот став на партијата околу тоа дека бараат што поскорешно одржување на изборите и рече дека ги поздравуваат овие иницијативи за, како што кажа, организирање на фер и коректни избори.

-Ние сме спремни уште од утре да се почне постапката на иницирање и организирање на изборите. Учествуваме на тие работни групи и како политички субјект бараме што поскоро да се организираат избори, посочи тој.