Македонија
30. August 2015 - 13:18

Дејан Трајкоски, член на жирито за наградата „Виленички кристал“

Директорот на Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан”, Дејан Трајкоски, од 2 до 6 септември ќе биде гостин на еден од најреномираните книжевни фестивали во Европа, словенечкиот „Виленица“.

- По покана од организаторот, Словенечкото друштво на писатели, Трајкоски ќе биде прв член од Македонија на жирито за наградата „Виленички кристал“ која се доделува на еден од авторите Од Централна Европа што учествуваат на фестивалот и кои се застапени во „Виленички алманах“. Доделувањето на оваа награда е еден од најважните настани на фестивалот, а секоја година се случува во местото Штањел, информира издавачката куќа Икона, организатор на „ПРО-ЗА Балкан“.

Во петчленото меѓународно жири за оваа награда досега учествувале директори на некои од најголемите фестивали на светот, а во последните години членови беа и имиња од рангот на поетот Пол Малдун, добитник на Пулицеровата награда за поезија и на наградата Т.С. Елиот, па Џефри Е. Тејлор - прв човек на најзначајниот литературен настан во Северна Америка, „Интернационален фестивал на авторите“ од Канада, Дени Гил - директорка на Интернационалниот литературен фестивал “Курт” од Ирска...

Наградата на добитникот му донесува статуетка, уметничко дело од сликарот Петер Абрам и гостување на престижниот книжевен фестивал Курт.

Исто така, Трајкоски е поканет да се обрати и да го претстави фестивалот „ПРО-ЗА Балкан“ пред повеќе стручни лица од областа на литературата од целиот свет на средбата насловена „Пазарот на словенечката и централно европската литература“. На средбата ќе учествуваат и Џон О'Брајан, основач на една од најважните американски издавачки куќи „Далки Аркајв Прес“, веќе споменатиот Џефри Е. Тејлор, Јанис Ога од Литературниот центар на Латвија, Катја Стергар од Словенечката агенција за книга и други. Модератор на средбата ќе биде претседателот на жирито за наградата „Виленица“, писателот Андреј Блатник. Заменик претседател на жирито за наградата „Виленица“, пак, е авторката Лидија Димковска.