Свет
14. March 2017 - 17:19

Де Мезиер: Турција глуми жртва

Германскиот министер за внатрешни работи Томас Де Мезиер денеска ја повика Турција да не глуми жртва пред своите сојузници во НАТО, со цел да добие поддршка пред референдумот со кои се зголемуваат ингеренции на претседателот Реџеп Тајип Ердоган.

- Изјавите од Турција се апсурдни. Тие немаат реална основа и имаат единстена цел да ја стават земјата во улога на жртва со цел да обезбедат солидарност меѓу гласачите, изјави Мезиер откако Анкара остро ги нападна Германија и Холандија дека спроведуваат нацистички практики, а германската канцеларка Ангела Меркел ја обвини за поддршка на терористи.

Според Мезиер, кој е еден од најблиските соработници на Меркел, крајно време е Турција да престане со своето штетно однесување.

- Има јасни граници зад кои завршува нашата толеранција, тоа ги вклучува и границите за активности што се казниви според законот, кога министри поздравуваат со „волчји поздрав“ на германска територија, кога не дискредитираат или кога ја споредуваат Германија со нацистичкиот режим, изјави Мезиер, додавајќи дека се противи на „увозот на турските внатрешни политички теми на германско тло“.

Како што јави дописникот на МИА од Берлин, тој нагласи дека лично е против одржување на турски политички собири во Германија и смета дека постојат правни начини тие да бидат забранети.

Пред неколку дена турскиот министер за надворешни работи Мевљут Чавушоглу беше критикуван од германските медиуми поради користење на турскиот националистички симбол „Волчји поздрав“, кој според Берлин претставува закана за безбедноста на земјата.

Овој поздрав го користат членовите на турската радикална националистичка организација „Сиви волци“, која е под мониторинг на германските служби за безбедност. 

Мезиер во својата денешна изјава ги отфрли и наводите на Турција дека Германија штити терористички организации кои се борат против Владата во Анката, пред се терористичка организација Курдска работничка партија (ПКК).

Тој ја повика Анкара да достави докази употребливи на суд за ваквите активности во Германија, додавајќи дека одбива „Турција да ја учи“ неговата земја како да се справува со ПКК или други терористички организации.

И покрај остриот тон во обраќањето кон Анкара, овој влијателен германски министер, сепак нагласи Турција останува важен партнер во борбата со меѓународниот тероризам.

Спорот за ПКК и политичките митинзи на турските политичари пред Турците во Германија на кои се бара подддршка на речиси 1,5 милиони државјани на Турција кои ожат да го решат референдумот за поголеми ингеренции на Ердоган, се само дел од неколкуте отворени дипломатски спорови меѓу Берлин и Анкара.