Бизнис
12. December 2025 - 16:47

ДДВ-то од 18% за малите пратки од Тему и Али Експрес е вклучено во цената која ја плаќаат граѓаните

Данокот од 18% за малите нарачки од Тему и Алиекспрес веќе е пресметан во цената. Него го плаќаат граѓаните, кога купуваат одреден производ. Но зголемувањето не е 18 отсто, затоа што дел од данокот го субвенционира Кина, преку олеснувањата за зголемување на нивниот извоз, велат од фирмата која ги доставува нарачките од овие компании до дома. При влезот во Македонија пак, ако нарачката е над 90 евра – се плаќа и царина. Затоа компаниите веќе почнаа да ги делат пратките под оваа сума.

Законот за плаќање ДДВ од 18 отсто за нарачките до 22 евра, кои претходно беа ослобедени - стапија на сила од декември. Од финансии тогаш тврдеа дека трошокот за ДДВ нема да падне на товар на граѓаните, туку ќе биде обврска на шпедитерите. Од Царината појаснуваат – данокот го плаќа операторот, во име и за сметка на граѓанинот или самиот нарачател, односно граѓаните.

Од операторот кој ги доставува пратките најавуваат и новини – производите ќе можат да се плаќаат при самата достава – во кеш.

Целта на новиот закон беше да се зајакне домашната економија. Во буџетот се очекува секој месец по овој основ да се следат по 65 илјади евра.