Македонија
5. March 2021 - 16:38

Дали Фрчковски бил кандидат за амбасадор во САД и зошто повеќе не е?

За власта се шпекулации, а за опозицијата дипломатски скандал тоа што САД не го прифатиле предлогот дипломатски претставник на земјава да биде професорот и поранешен министер Љубомир Фрчкоски.

Владините претставници не сакаат да коментираат ништо, со образложение дека се работи за класифицирани информации.

„Ниту Владата, ниту било која институција коментира амбасадори додека не завршат постапките за било која земја и на било кое ниво, дури и многу често и именувањето на конзулите кои ги правиме, па дури и почесните, додека не им започне постапка не коментираме таква работа. Јас па слушнав дека Фрчковски е за Њујорк, не за Вашингтон. Не знам. Вчера прочитав прв пат излезе таквата информација”, рече премиерот Зоран Заев.

„Процедурата за именување амбасадори од моментот на предлагање од страна на министерот за надворешни работи преку процесот на координација со Владата и со претседателот на државата, па се до добивање агреман од државата каде што се патува, е дискретен процес, што е во рамки на класифицираните информации во државата и затоа МНР никогаш се нема произнесено за било кој кандидат доколку во било која фаза на именување се до добивање на агреман”, рече министерот за надворешни работи, Бујар Османи.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, кој ги сподели тие информации, напиша дека реакции од САД стигнале директно до премиерот Заев, со прашање дали е сигурен дека Фрчкоски би можел да добие НАТО безбедносен сертификат, што е предуслов за размена на строго доверливи информации на највисоко државно ниво.

„Јас гледам дека и премиерот Заев и министерот Османи не се конкретни дали на 8 или 9 февруари на затворена седница на Владата била донесена одлука да се отпочне постапка за господинот Фрчкоски да биде амбасадор во Вашингтон. Нашите информации се дека таква постапка отпочнала. И според мене има две поголеми грешки. Првата грешка е што три години Република Македонија нема свој амбасадор во најбитната дипломатска дестинација. И втората грешка е кога веќе треба да се договори конкретен човек за амбасадор, треба навистина да се оди на профил за кој што земјата домаќин не би имала забелешки за да може и довербата и стратешкото партнерство да бидат сериозно искористени. И затоа сметам дека ваквиот предлог е несоодветен, задоцнет и за жал претставува дипломатска бламажа што истиот е неформално одкбиен и класифициран како неподобен”, вели Антонио Милошоски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

Опозицијата го поставува и прашањето дали по ова, Фрчкоски ќе ја продолжи својата кариера како уставен судија.
Освен во Вашингтон, каде амбасадорското место е празно веќе три години, Македонија во моментов нема дипломатски претставник и во неколку европски метрополи.