Балкан
24. October 2017 - 15:13

Црвена тревога во Хрватска поради силните ветрови покрај брегот на Јадранското Море

 Црвен код за опасност е прогласен во Хрватска поради бурата, проследена со силен ветер во областа Далмација, каде синоќа е измерена брзина на ветерот над 130 километри на час.

Во Сплит, ветрот предизвика проблеми во сообраќајот, откако искршени гранки паднаа на улиците, беа превртени контејнери за отпад, а ветрот турна и столб за уличното осветлување. Дрво, кое беше откорнато од ветерот, падна врз два паркирани автомобила.

Метеоролозите најавуваат дека бурата ќе продолжи и денеска, а ослабување на ветрот се очекува утре попладне.