Македонија
26. January 2024 - 19:47

Црковен суд за новинарството?

Здружението на новинарите на Македонија, реагира на поканата од Синодот на Македонската православна црква за новинарот Марјан Николовски да се појави пред црковниот суд и да одговара за наводите дека неговите објави на religija.mk наводно предизвикувале „Основ за изразување омраза, во форма на говор на омраза, предизвикување омраза кај верниците и доведување на оштетените членови на Синодот во општа опасност и загрозување на нивната безбедност, а особено преку електронски извор – средство за јавно информирање“.

Здружението ја изразува својата поддршка за напорите на колегата Марјан Николовски, главен и одговорен уредник и основач на religija.mk, во критичкото известување за религиозни прашања во полза на јавниот интерес.

,,Од Здружението остро се осудуваат сите обиди на црковните власти внимателно да го испитаат и замолчат критичкото новинарство и слободата на изразување. Ваквите активности не само што ги поткопуваат основните принципи на независноста на медиумите, туку ги загрозуваат и демократските вредности кои овозможуваат разновидно и плуралистичко општество да напредува. Ја повикуваме МПЦ-ОА и нејзиното раководство да се вклучат во отворен и конструктивен дијалог со медиумската заедница, признавајќи дека таквиот ангажман е суштински за подобрување на општеството во целина‘‘.

Реагираа и од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници.

Според нив станува збор за непримерни, недостојни и опасни обидите на МПЦ-ОА да влијае на новинарските трудови и информирањето, и остро го осудува начинот на најбескрупулозна пресметка со главниот и одговорен уредник на порталот religija.mk, Марјан Николовски.

,,ССНМ смета дека обвинувањата и „судската“ постапка (?!) во рамките на својата хиерархија во Светиот архијерејски синод во МПЦ-ОА се преседан кој ќе отвори простор за црковни дејствија од некои минати времиња. Не сакаме да навлегуваме во основата за ваквиот потег бидејќи го сметаме за беспредметен, но и не сакаме да веруваме дека во оваа држава постојат паралелни судски системи кои си земаат за право да толкуваат и оценуваат новинарски трудови, да обвинуваат, па веројатно и да санкционираат‘‘.

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници предупредува и бара притисокот веднаш да престане, а токму МПЦ-ОА, колку е тоа во нејзина моќ, да влијае да престанат оркестрираните закани по социјалните мрежи особено што со своето медиумско делување Марјан Николовски секогаш бил промотор и еден од главните, и најрелевантни информатори за состојбите во оваа, па и во другите религиозни групи во Македонија.