Македонија
4. December 2025 - 16:47

Чучуљ е на чело на Антикорупциска - вети отчетност и транспарентност

Адем Чучуљ ја презема претседателската функција во Антикорупциска. Се обврза да го враќа интегритетот во институцијата по низата скандали и ќе работи на транспарентноста. Најави жестока борба со корупцијата за да ги поправи оценките во извештајот на Брисел и препораките на ГРЕКО.

Наспроти ваквите најави, граѓанскиот сектор објави анализа за состојбата со корупцијата. Секој трет Македонец дал мито за да заврши некаква работа. Судиите и обвинителите во очите на граѓаните се најкорумпирани.

На првиот ден од стапувањето на функцијата Чучуљ доби пораки од собранискиот спикер Гаши – борбата против корупцијата не се води сама по себе и не се ограничува само на закони и стратегии. 

Новиот кривичен законик е клучен во борбата со корупцијата, порачаа и дипломатите. Според амбасадорите корупцијата и неказнивоста сериозно влијаат и на довербата во институциите и развојот на државата.

Новиот антикорупционер доби потсетник за корупција од опозицијата која му порача дека има криминал од 9 милиони евра по кој треба да се постапи.

Вкупниот број на добиени тендери е 6 од кои 4 тендери се од Генералниот секретаријат на владата на Мицкоски, еден од ЕСМ и еден од Министерство за администрација. Документите, фактите и доказите за овој скандал се објавени, достапни се за јавноста и доставени до ДКСК заедно со пријава од страна на СДСМ, велат од СДСМ. 

Чучуљ доаѓа на позицијата претседател на Антикорупциска по оставката на Татјана Димитровска обвинета за две кривични дела, оддавање на службена тајна во случајот “Адитив “ и фалсификат на безбедносен сертификат.