Македонија
10. October 2015 - 16:05

Членството против Заев - Барањата на лидерот го уриваат рејтингот на партијата

Длабока поделеност и силна нервоза на Бихаќка во пресрет на финишот на преговорите за Изборниот законик. Видни членови на опозициската партија му укажувале на лидерот Заев дека позициите во преговорите носат огромна штета, особено настојувањето да и се земе правото за глас на дијаспората и воведувањето на бадентеровото мнозинство во ДИК.

Според партиското членство, подобро е ВМРО-ДПМНЕ да добие неколку пратеници повеќе отколку на партијата да и се стави нов товар како оној во 2004 година кога беше испазарена територијалната поделба на Македонија.

Партиски извори за Сител велат дека пред членството признал дека е свесен за катастрофалниот рејтинг и извесноста на новиот пораз и дека во преговорите, оди според тактиката, да се спаси колку што може да се спаси до изборите во април.

Високи партиски функционери на СДСМ велат дека членството забележувало и за откажувањето од активната регистрација која според нив ќе покаже дека партијата во обвинувањето за фиктивни гласачи всушност барала алиби за изборниот пораз.

Дел од партиските членови биле жестоки во своите критики укажувајќи дека откажувањето од дијаспората засекогаш ја дистанцира СДСМ од македонските иселеници што на долг рок катастрофално ќе се одрази на партијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ и денеска потенцираа дека она што и го прави СДСМ на македонската дијаспора е спротивно на македонските национални интереси

Вчера преговарачките тимови имале билатерални средби со странските претставници. За денеска не е закажана нова рунда разговори. Преговорите најверојатно ќе продолжат утре. Иако партиите се далеку од договор, ниту една од страните не ја исклучува можноста во понеделник предлог изборниот законик да влезе во собраниска процедура.