Македонија
30. November 2023 - 16:54

Четири дена потрага по 14-годишната Вања од Скопје

Фотографијата од 14 годишната Вања, четврти ден го обиколува регионот. Информацијата дека е исчезната, се споделува во сите соседни држави, но засега нема никаква трага.

Мајката на девојчето, во телефонски разговор за Сител, вели дека за сите информации кои ги добива, веднаш ја информира и полицијата. Реагира на како што рече, огромниот број лажни вести поврзани со нејзината ќерка. 

Изминатите четири дена, ѕвони и телефонот за итни случаи. На 112 пристигнувале повици поврзани со исчезнувањето на Вања, а сите информации биле препратени кон полицијата.

Од МВР велат се води активна потрага, полициски инспектори ги проверувале сите наводи, фотографија од девојчето е на стоп листата на граничните премини, има и меѓународна потерница.

Во обид да се добијат повеќе информации, интензивно се прибираат и снимки од безбедносни камери поставени на приватни објекти. Од јавното обвнителство велат дека се издадени повеќе наредби со кои се бара проверка на камери од видео надзор, но и други наредби, за кои од обвинителството не откриваат дали се за мобилни телефони или проверка на простории.

Во меѓувреме од полицијата информираат дека се водат постапки за објавени лажни вести на Фејсбук за наводната локација каде се наоѓа девојчето.

„Секторот за компјутерски криминал во соработка со сектроот за меѓународна полициска соработка веќе постапува по истото и веќе се поднесени соодветни поднесоци“.

14 годишната Вања од понеделникот се води за исчезната. Домот го напуштила утрината за да оди во училиште, но откако не се појавила на час, била известена мајката. Мобилниот на девојчето станал недостапен, а според кажувањата на мајката, сигналот од телефонот на Вања последно бил регистриран на булеварот Партизански одреди наспроти Универзалната сала.