Македонија
6. јуни 2016 - 11:13

Честитка од премиерот Димитриев за почетокот на рамазанските пости

Премиерот Емил Димитриев лично и во име на Владата на РМ им го честиташе почетокот на Рамазанските пости на поглаварот на Исламската верска заедница во Република Македонија, реис-ул-улема Сулејман ефенди Реџепи, на членовите на Ријасетот и на сите верници од исламска вероисповед. 

- Светиот месец Рамазан и почетокот на рамазанските пости отсекогаш биле познати како денови на добрата мисла и време кога треба да се има милост и разбирање за другите луѓе. Севкупно, рамазанските пости се време за духовно прочистување и возвишување на верниците од исламската вероисповед. Вредностите кои ги красат овие пости нека Ви бидат водилка во деновите кои претстојат, нека донесат многу радост и среќа во семејствата на верниците и севкупно во Република Македонија и нека ја промовираат соработката со Вашите роднини, пријатели и сограѓани, пишува во честитката на Димитриев. 

Посакувајќи им радосни празнични денови, претседателот на Владата порачува добрата мисла да придонесе сите граѓани на Македонија да работат заедно за создавање  заеднички добра, за економски раст и подобар стандард и за поголем број можности за културен, образовен и општествен напредок во насока на изградба на силна и модерна Република Македонија.