Свет
7. August 2021 - 9:21

Чешка планира да ги затвори контроверзните сиропиталишта до 2024

Чешката Република планира да ги затвори контроверзните сиропиталишта до 2024 година, како една од последните земји-членки на ЕУ која се уште ги има.   Предлог-законот вчера беше едногласно одобрен од Претставничкиот дом, а сега следува дебата во Сенатот, вториот дом на чешкиот Парламент.

Законот предвидува сирачињата до тригодишна возраст да се сместуваат исклучиво во згрижувачки семејства, наместо во домови. – Домовите се штетни за малите деца, изјави Олга Рихтерова од либералната партија Пирати, која го иницираше предлогот. Новиот закон ќе важи и за децата чии родители го загубиле старателството. Моментно во чешките сиропиталишта се наоѓаат повеќе од 200 деца.

Пред неколку месеци, Европскиот комитет за социјални права ја осуди оваа практика и ја обвини Чешка дека го прекршила членот 17 од Европската социјална повелба од 1961 година, кој го гарантира правото на децата на социјална, правна и економска заштита. Комитетот изрази особена загриженост за третманот на сирачињата со инвалидитет и ромските деца. Поддржувачите на сиропиталиштата предупредуваат на недостаток на згрижувачки семејства. Предлогот да им се дозволи на невенчаните двојки да посвојуваат деца беше отфрлен вчера во Парламентот.