Чекања и до три часа на европските аеродроми поради новиот систем за влез и излез од ЕУ
Воведувањето на Шенгенскиот систем за влез и излез (EES), кој започна со примена на 12 октомври 2025 година, доведе до сериозни нарушувања во функционирањето на аеродромите, особено во периодите со зголемен патнички сообраќај. Во многу случаи, патниците се соочуваат со чекања и до три часа за да ги завршат сите гранични и безбедносни процедури.
Аеродромските власти предупредуваат дека доколку системот не се стабилизира до почетокот на јануари, реализацијата на планираното зголемување на прагот за регистрација на 35 проценти, предвидено од 9 јануари, ќе биде исклучително тешка. Во таков случај, метежот на аеродромите би се продлабочил, а довербата на патниците би била сериозно нарушена. Во моментов, регистрацијата на патници е ограничена на само 10 проценти.
Европскиот огранок на Меѓународниот совет на аеродроми (ACI) упати итен повик до Европската комисија, eu-LISA, Фронтекс и земјите членки на Шенген зоната да преземат конкретни мерки за надминување на сè поизразените оперативни проблеми поврзани со примената на EES, или да овозможат поголема флексибилност во неговото спроведување сè додека системот целосно не биде воведен на сите аеродроми.
Според ACI, постепеното зголемување на регистрацијата и собирањето биометриски податоци од државјани на трети земји кои влегуваат во Шенген зоната значително го продолжува времето потребно за гранична контрола на аеродромите, и тоа за дури 70 проценти, при што во шпиц-периодите времето на чекање достигнува и до три часа. Ова сериозно го нарушува патничкото искуство, а најпогодени се аеродромите во Франција, Германија, Грција, Исланд, Италија, Португалија и Шпанија.
Од Меѓународниот совет на аеродроми посочуваат дека и по два месеца од стартот на примената на системот, сè уште се соочуваат со чести прекини, технички недостатоци, проблеми во конфигурацијата, како и со недостапност на автоматизираните гранични порти (ABC) за обработка на EES на голем број аеродроми. Дополнителен предизвик претставува и недоволниот број киосци за земање биометриски податоци, како и недостигот од полициски кадар.
Генералниот директор на ACI EUROPE, Оливие Јанковец, предупредува дека патниците веќе трпат значителни непријатности, а секојдневното работење на аеродромите е сериозно отежнато и со сегашниот праг за регистрација од 10 проценти за државјани од трети земји. Доколку сите идентификувани оперативни проблеми не бидат целосно решени во наредните недели, зголемувањето на прагот на 35 проценти од 9 јануари, како што е предвидено со планот за имплементација на EES, неминовно ќе доведе до далеку поголеми застои, системски нарушувања за аеродромите и авиокомпаниите, како и потенцијални сериозни безбедносни ризици.
ACI EUROPE е европскиот регионален огранок на Меѓународниот совет на аеродроми (ACI), единствената глобална професионална организација што ги обединува операторите на аеродроми. Организацијата претставува повеќе од 600 аеродроми во 55 земји, чии членови опслужуваат над 95 проценти од вкупниот комерцијален воздушен сообраќај во Европа.
Ново на Сител
-

Лишен од слобода скопјанец, пронајден кокаин
-

Трамп менува 30 амбасадори - меѓу нив и Агелер
-

Бела куќа: Од јануари собрани „235 милијарди долари од царини“
-

Руски генерал загина во напад со автомобил-бомба во Москва
-

Рим ќе наплаќа влез за фонтаната Ди треви
-

Најстудено во Берово и Виница
-

Американец со потекло од Нигерија нападнал полицаец во Градски парк, носел пиштол и големо количество муниција
-

Седница на Советот на јавни обвинители, на дневен ред назначувањето вршител на должност на местото на Коцевски
