Балкан
7. јуни 2016 - 12:32

Чавушоглу: Без укинување на визите нема договор со ЕУ

Турција ќе мора да ја суспендира спогодбата со ЕУ за запирање на приливот на мигранти во Европа, доколку нема договор за визната либерализација за турските државјани, изјави денеска министерот за надворешни работи Мевлут Чавушоглу.

Во интервју за турската телевизија „Хабер“, Чавушоглу, исто така, кажа дека германската Влада мора јасно да покаже дека нејзиниот став не е во согласност со резолуцијата на Бундестагот со која турскиот масакр врз Ерменците во 1915 година е прогласен за геноцид, пренесуваат британските медиуми.

Зборувајќи за борбата против џихадистите од таканаречената Исламска држава, Чавушоглу најави дека Турција силно ќе ја поддржи евентуалната операција за заземање на ирачкиот град Мосул, што е во рацете на ИД.

Што се однесува до односите со Израел, според него, Турција е „еден или два состанока оддалечена од нормализацијата на односите со Тел Авив, но Израел треба да ги отстрани пречките за помошта на Палестина и Газа“.