Loading Video...
Бизнис
1. November 2025 - 16:40

Бугарија забрани извоз на нафта, Македонија нема да биде погодена од ваквата мерка

Бугарија го забрани извозот на нафта, за да ја зачува енергетската стабилност на земјата. По американските санкции за руските компании Лукоил и Роснефт, бугарскиот Парламент одлучи времено да го органичи извозот на дизел и керозин во земјите членки на Унијата. Велат дека имаат доволни количини за следните неколку месеци, но одлуката ја носат за да не се шпекулира со цените и да го заштитат јавниот интерес.

Гледате во земјите во соседството цените одат нагоре заради новонастаната геополитичка состојба. За да превенираме такви шпекулации со цените се одлучивме на ваква времена мерка, изјави Дејан Добрев, пратеник во бугарски парламент.

Забраната за извоз нема да има никакво влијание врз Македонија, тврди првиот човек на Регулаторна, Бислимовски. Само незначителни количини нафта се увезуваат од Бугарија.

Само 7,8% од потребите на нафтата се увезуваат од Бугарија, останатите се од Грција. Не очекуваме никакво нарушување на снабдувањето со нафтени деривати, изјави Марко Бислимовски, претседател на Регулаторна Комисија за енергетика.

Откако САД минатата недела воведоа санкции против руските компании Лукоил и Роснефт, Лукоил одлучи да го продаде целиот имот надвор од Русија на глобалниот трговец со енергенси Гунвор Груп. Но, зелено светло за зделката треба да даде Одделот за контрола на странски имот при американското министерство за финансии. Ако одобрат, на продажба ќе одат и 40-те бензиски пумпи во Македонија. Сега за сега, продолжуваат, да работат без никаков застој во снадбувањето.

Лукоил има рок до 21 овој месец да се ослободат од целиот свои имот надвор од Русија.