Свет
29. March 2019 - 16:21

Британскиот Парламент денеска по третпат го отфрли договорот за Брегзит

Британскиот Парламент денеска по третпат го отфрли договорот за Брегзит, кој со Европската унија го договори премиерката Тереза Меј.
 
Со 344 гласа против и 286 „за“, договорот не е усвоен во британскиот Парламент.
 
Тереза Меј вели дека импликациите од неизгласувањето се „сериозни”.
 
Велика Британија требаше да ја напушти ЕУ денеска, но доби пролонгирање до 12 април. Британија може да побара повторно продолжување на рокот за напуштање на Унијата, но за тој период нема да има доволно време за да се склучи нов договор.
 
-Се плашам дека во овој (Парламентарен) дом ги достигнавме границите на овој процес, истакна Меј, потенцирајќи дека ќе продолжи да инсистира на „уреден“ Брегзит.
 
Лидерот на Лабуристичката партија Џереми Корбин потенцира дека договорот мора да биде изменет. – Ако Меј тоа не може да го прифати, таа мора да се повлече и да дозволи државата да одлучи преку предвремени парламентарни избори.
 
Главниот преговарач на ЕУ за Брегзит Мишел Барние пред гласањето изјави дека блокирање на договорот за напуштање е „најдобар компромис” за двете страни и оти е од клучно значење за Лондон да се фокусира на договарање на нови односи со Унијата.
 
-Денеска, повеќе од кога било, членовите на британскиот Парламент носат одговорност да ни кажат какви идни односи сакаат за нивната земја со ЕУ, рече Барние на прес-конференцијата во Варшава.
 
Британските пратеници завчера вечер гласаа за осум различни опции за Брегзит, но ниту една не доби доволна поддршка во Парламентот, кој се обидува да најде алтернатива за Договорот кој премиерката Тереза Меј го постигна со ЕУ, а кој пратениците веќе двапати го отфрлија.
 
Амбасадорите на 27-те земји членки на вчерашниот состанок во Брисел разговараа за идната позиција на ЕУ во преговорите со Британците по 12 април токму во случај на Брегзит без договор. Земјите членки инсистирале дека е потребно да се биде „цврст“ кон Британците во иднина, посебно за прашањето за ирската граница, за правата на европските граѓани кои живеат во Велика Британија и за финансискиот долг на Лондон кон ЕУ.
 
Сите земји членки индивидуално интензивно се подготвуваат за Брегзит без договор, посебно откако во средата британските парламентарци ги отфрлија и сите други осум опции кои им беа понудени во обид да се надмине ќор-сокакот. Опциите вклучуваа отповикување на Брегзит, постојана царинска унија со ЕУ, Брегзит без договор или пак нов референдум.
 
Европската Комисија вчера одби да коментира што понатаму и кои варијанти би биле прифатливи или правно одржливи. Портпаролот на ЕК, Маргаритис Шинас изјави дека сега е потребно позитивно гласање за да се знае каде се движи процесот.