Македонија
17. March 2024 - 16:32

Богоев: Полиграфот нема да ја сузбие корупцијата меѓу цариниците

Корупција меѓу цариниците има, но полиграфот не е решение, смета првиот човек на Царинската управа, Стефан Богоев.  Иако вработените во ова институција важат за најкорумпирани, во интервју за радио Слободна Европа, Богоев вели – не можете да се потпрете на 100 процентна  точност на полиграфот и да избркате некого од работа,  затоа што се работи за човечки судбини

- Не сум сигурен дека на тој начин ќе се реши прашањето со корупцијата. И покрај тоа што веќе имам кажано дека оставам стручната јавност да одлучува во делот на полиграфското тестирање и колку точност има полиграфот бидејќи ако на некого врз основа на тоа му го прекинете договорот, а тој нема 100% точност можете навистина некому животот да му го уништите. Се работи за човечки судбини, не е само да го прекинеме договорот за работа. Ако го прекинеме врз основа на полиграф, односно врз презумција дека вие сте криминалец тоа значи многу повеќе за човек и за неговото семејство отколку само прекинување на работниот однос.

Решение за сузбивање на корупцијата , според Богоев е дигитализацијата Ако електронски се пресметуваат давачките, вредноста и потеклото  на стоката, човечкиот фактор ќе се елеминира,а со тоа и можноста од корупција.  Иако анкетни листови секој цариник мора да поднесува, јавноста нема увид во истите, и ретко кој одговорал за злоупотреба.  Затоа Богоев  предлага Комисијата за спречување на корупцијата да набави софтвер каде ќе бидат вмрежани катастарот и банките , па кога ќе има промена во имотните листови, самиот систем да алармира

- Не човекот сам да каже „еј видете купив возило дајте да го пријавам туку самиот систем да алармира дека некој купил возило а не го пријавил. Нашето барање беше и нашите вработени да бидат дел од тој систем. Имаше позитивен сигнал од ДКСК, така што кога нашите вработени ќе станат дел од овој софтвер на ДКСК, јас како директор и Царинската управа автоматски ќе добиваме во реално време информација кога некој од вработените купил нешто и дали го пријавил.

Во моментов има јавна дебата за предлогот  цариниците и граничните полицајци , редовно полиграфски да се тестираат Секој кој нема да го помине тестот – да биде отпуштен од работа. Ако се усвои стратегијата, , ќе треба да се формира независна институција , кој ќе биде под контрола на Собранито, со што се предлага и самите  полиграфисти еднаш годишно и самите да подлежат на тестирање.