Балкан
17. January 2017 - 17:58

БНБ: Бугарскиот банкарски систем наскоро ќе биде подготвен за еврото

Бугарија продолжува со реформите и за околу година или година и половина нејзиниот банкарски систем ќе ги исполнува неопходните услови за приклучување на земјата кон Еврозоната, изјави денеска раководителот на Бугарската народна банка (БНБ), Димитер Радев.

- Сепак одлуката за тоа е политичка и во голема мерка ќе зависи од надворешната и внатрешната политичка конјуктура, изјави Радев на годишната средба на претставници на Владата и бизнис секторот.  

Како што јави БТА, Радев оцени дека бугарскиот банкарски систем денес е во многу подобра кондиција отколку во 2015 година, кога земјата се соочуваше со сериозни безбедносни предизвици придизвикани од бегалскиот прилив.

Тој потенцира дека бугарскиот платен систем во моментов целосно ги исполнува усовите неопходни за членство во Еврозоната, но дека е потребно да се работи на изградба на финансиска инфрастуктура, која во целина ќе одговара на стандардите на Европската монетарна унија.

Говорејќи на истиот собир, бугарскиот министер за финансии Владислав Горанов изјави дека тој е „убеден приврзаник“ на брзо приклучување на Бугарија во Еврозоната. 

- Скептицизмот не доаѓа затоа што ние не сакаме, туку поради мешањето на неопходните стурктурни реформи и зголемувањето на довербата во Бугарија со политичките критериуми, истакна Горанов. 

Тој смета дека Бугарија досега изодила 20 проценти од својот пат кон Еврозоната и дека треба да работи на создавање услови за обезбедување одржлив развој.