Бизнис
15. July 2026 - 16:32

Бизнисот бара, но работници нема

Бизнисот има капацитет да ги апсорбира половина од луѓето кои во моментот се невработени. Но проблемот е што добар дел од нив не се квалификувани, па бизнисот тешко го наоѓа потребниот кадар.

Тие што чекаат да се вработат можеме лесно таа бројка на невработеност да ја намалиме од 100.000 до 50.000 затоа што ние како стопанство имаме потреба за нови вработувања, но не за секакви вработувања, туку за работниците кои одговараат на стопанството на секој правен субјект.

Проценките се дека околу 25.000 македонски граѓани летово работат на јадранското крајбрежје, главно Хрватска. Тоа се половина од потребите на македонскиот бизнис. По претпоставка дека ќе се вратат сите, на бизнисот ќе му недостасуваат уште половина од потребните работници.

Тогаш, од каде стопанството ќе ги најде работниците?

Едната опција се странски работници. Тренд кој е се повидлив во земјава, особено во градежништвото и во угостителството. Филипинци во угостителство, Турциј, Индијци, Бангладешани во градежништво.

Ова го потврдуваат и официјалните податоци од МВР. За помалку од година и половина издадени се 5.200 одобренија за престој за странци. Најбројни се странците од Турција, Бангладеш, Непал, Индија...

Одобренија привремен престој

Јануари – мај 2026 година - 1.882                                                                           2025 година = 3.320

По држава

Турција - 775

Бангладеж – 314

Непал – 165

Индија - 98

Другата опција е враќање на македонските гастербајтери. Министерството за економија објави мерка за вработување на 1.380 лица за кои компаниите ќе добијат државна помош.

Млади до 29 години – поддршка од 250.000 денари по лице на годишно ниво

Ранливи категории – поддршка до 220.000 денари по лице на годишно ниво

Над 29 години – поддршка до 160.000 денари на годишно ниво

Заменик-министерот за економија вели, за вработување повратници компаниите ќе добијат и бонуси. Меѓутоа, не објасни што точно државата смета за повратник, дали се тоа луѓе кои со години работат во странство, или оние кои одат на сезонска печалба.

Целта на Оперативниот план е пред се, невработените луѓе кои се евидентирани во државата да ги задржиме. Меѓутоа, еден од новитетите на оперативниот план во тие две мерки, самовработување и оваа мерка за помош на вработување во правните субјекти е и субвенционирање на повратници, категорија повратници, кои покрај овие средства ќе добијат и 10% бонус, вели заменик-министерот Ристески.

Компаниите ќе имаат обврска да ги задржат вработените до најмногу 15 месеци, во зависност од категоријата. Велат, задоволни се од мерката, но државата уште отсега ќе треба да размислува дали субвенциите да ги продолжи и кога рокот ќе заврши.

-Оваа мерка директно има ефект врз компаниите затоашто преку тие невработени лица и оваа мерка ќе можат да ги надополнат отворените работни места, а од друга страна да вработат и поголем број на невработени лица со тоа што придонесуваат и за намалување на невработеноста во нашата земја.

-Да не го гледаме периодот само 9 месеци или 15 месеци. Потребно е да се следи и одржливоста на самото функционирање во насока на тоа дека тие вработени да продолжат да работат во компаниите. Да не заврши тука мерката.

Од почетокот на годината Агенцијата за вработување бележи континуиран пад на бројот на невработени. Меѓутоа, од Економија појаснуваат дека овие бројки не се точни и дека списокот ќе биде ревидиран. Односно, ќе бидат вкрстени податоците со луѓето кои примаат социјална помош, и тие ќе бидат исфрлени.

Недостатокот на кадар за бизнисот со години станува се поголем проблем, особено со зголемувањето на иселувањето на млади лица од државата. Луѓе кои работат има, но бизнисот вели дека потребни се обуки и преквалификација за да можат да ги исполнат нивните потреби.