Битолскиот архив во акција за зачувување на матрејалот од првата локална станица на Балканот
Со цел да се сочува богатиот архивски материјал, фонд на музика овековечен на ленти, касети и бројни грамофонски плочи на првата локална станица на Балканот Радио Битола, која веќе не постои, Државниот Архив на РМ – одделение Битола и Здружението на граѓани Архивист 2, се организатори на изложбата посветена токму на ова радио.
„Ова е единствена изложба од ваков вид во земјава досега, а ние како архив ги повикуваме граѓаните кои имаат ретки плочи да ги донесат кај нас, со цел во иднина да организираме и други вакви изложби“ рече директорот на подрачната единица на Државниот архив во Битола, Ацо Кимовски.
Човекот кој најголемиот дел од работниот век го помина во Радио Битола на оваа изложба гледа со голема радост. Димче Миновски, поранешен долгогодишен новинар, смета дека ваквите иницијативи се неопходни за спас од заборав не само на ова радио, туку и на сите значајни чинители на македонското новинарство.
„Радио Битола имаше претежно народна музика. Но за прв пат мора да се каже дека тука е емитувана првата македонска забавна композиција“ истакна порашниот вработен во Радио Битола, Димче Миновски.
Фоајето на Центарот на култура во Битола ќе биде домаќин од вечерва на изложените 200 грамофонски плочи и дел од опремата на ова радио што е зачувана во архивот по неговото одење во стечај. Изложбата се одржува во рамките на најдолгото културно лето Бит фест 2015.
