Македонија
8. August 2015 - 16:46

Битолчанец колекционер: Најдраг му е потписот на Путин

15 годишниот Филип Етмишовски е можеби единствениот на Балканот поради реткоста и бројноста на својата филографска колекција. Во фокусот на неговиот интерес за собирање потписи, односно автограми, чиј број засега е околу 150, се светските политички имиња од минатото и сегашноста. Идејата се родила со присуството на бројни гости во Битола, особено за време на фестивалот Браќа Манаки, но конкретната реализација по допломатски пат, започнала годинава.

„Ги имам потписите на германскиот и францускиот претседател, поранешниот премиер на Велика Британија Тони Блер, Првата жена државен секретар на САД Медлин Олбрајт,  а најзначајни ми се автограмите од рускиот претседател Владимир Путин, од премиерот Дмитри Медведев и од последниот бугарски цар“ рече Етмишовски.

Филип објаснува дека целокупната постапка за добивање автограм од светски државник не е воопшто лесна, бидејќи по доставеното писмено барање, треба да се испочитуваат сите дипломатски правила. Процедурата воглавно трае неколку недели.

„По повод 11 јуни денот на Руската федерација, ме повикаа во Скопје да одам со моето семејство за да ми врачат потпис од рускиот премиер, од кој јас побарав потпис и како роденденски подарок  ми подарија лично потпишан автограм од претседателот на Руската федерација Владимир Путин“ .

Етмишовски вели дека во фокусот и натаму остануваат политичарите, но во предвид доаѓаат и изумителите на мобилниот телефон, компјутерот, како Бил Гејтс. Најголема морална и финансиска поддршка добива од родителите и бабите и дедовците, кои засега ги покриваат поштенските трошоци за добивање на фотографиите или визит-картите потпишани лично од светските државници.

Емилија Јовчевска